На прес-конференција по победата над Јиржи Лехечка во четвртото коло на Австралија опен, Новак Ѓоковиќ рече дека ги следи актуелните случувања во неговата татковина и додаде дека насилството врз студентите и младите е пораз за српското општество.Тој ја повтори поддршката за студентите, кои, додаде, се иднината на државата.
„Следам што се случува во Србија, не сè, но многу следам преку социјалните мрежи – не можам да се преправам дека ништо не се случува. И покрај тоа што сум во Австралија, секако дека работите влијаат на мене, како она што се случи пред некој ден со Соња, се надевам дека брзо ќе закрепне и ќе се врати дома. За жал, ова не е единствената ситуација на насилство врз студентите и младите. Како да ви кажам… Тоа е голем пораз за нас како општество, српското општество воопшто. Мојата поддршка секогаш оди за младите, студентите и сите оние на кои им припаѓа иднината на нашата земја“, рече Ѓоковиќ, а потоа додаде:
„Не можам повеќе да се сметам за млад човек, сега сум некаде во средна возраст, би сакал и моите деца да растат во Србија. Би сакал младите од странство да се вратат да живеат во Србија, да чувствуваат дека имаат општество и средина во која можат да уживаат, да се развиваат и дека тоа е средина која го нуди она што им треба. Тоа е нешто што можам да го кажам за тоа, отсекогаш сум бил и секогаш ќе бидам против насилство од секаков вид. Не знам, реков пред некој ден, немам што да додадам“.
Она што го правам е во сенка додека луѓето се борат за основните права, рече Ѓоковоќ.
Српскиот тенисер изјави и дека е тешко да се претставува Србија како амбасадор на спортот додека во земјата се случуваат трагедии како онаа во основното училиште „Владислав Рибникар“ или онаа на железничката станица во Нови Сад.
„И во светот, ова што се случува со војните, немам коментар за тоа дека постојано умираат невини луѓе, тие се оние кои најмногу страдаат. Како спортист, секако дека сакам луѓето од нашата земја да ме поддржат, за тоа што го работам некако да почувствуваат дека има вредност во нивните животи. Долги години се обидувам да бидам добар амбасадор на Србија во светот. Но, кога се случуваат вакви работи, такви трагедии – како ‘Рибникар’ или Нови Сад и она што се случува во последните години – тогаш сè друго, вклучително и спортот и она што го правам, паѓа во сенка. Тоа е неважно во однос на човечкиот живот и борбата за основните права“, заклучи Ѓоковиќ