Денес беше пуштена во употреба новоизградената железничка пруга Куманово – Бељаковце, долга 30,8 километри, која вклучува три нови железнички станици, шест стојалишта, пет мостови, еден тунел, звучни бариери и современа сигнално-телекомуникациска опрема вредна 10 милиони евра. Проектот опфаќа и инсталација на алуминиумски седишта, челични настрешници, дисплеи и лед осветлување, со цел да се овозможи максимален комфор и безбедност за патниците.
На официјалниот настан, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николоски се обратија пред новинарите и локалните жители, истакнувајќи ја важноста на овој капитален проект за економскиот развој на регионот.
„Овој проект значи нов економски импулс за целиот регион и го поставува темелот за целосно поврзување на Коридорот 8 со соседна Бугарија. Завршувањето на овој дел е доказ дека во Македонија можат да се реализираат големи инфраструктурни проекти со посветеност и одговорност,“ истакна министерот Николоски.
Со пуштањето во употреба на оваа пруга, се очекува да се подобри локалната економија, да се развие карго сообраќајот и да се овозможи подобра регионална поврзаност. Вицепремиерот изрази благодарност за поддршката од Владата, нагласувајќи дека ова е само еден од трите капитални проекти кои се реализирани во последните две недели.
Новиот железнички сегмент е важен чекор кон модернизација на транспортната инфраструктура во државата, со визија за долгорочно регионално и економско поврзување.