Монетарното затегнување од страна на централните банки одигра битна улога во контролирањето на инфлацијата, иако инфлацијата не беше стандарден монетарен феномен, туку одраз на повеќе фактори, изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во својата дискусија на гувернерската панел-дискусија на Форумот на Централна и Источна Европа, во организација на Инвисо (конференциите на „Еуромани”), кој се одржува во Виена, Австрија. Таа посочи на клучната улога на политиките и посветеноста на централните банки за враќање на ценовната стабилност, особено преку значителното стабилизирање на инфлациските очекувања.
Говорејќи на панел-дискусијата на тема „Централните банки по бурата”, на која учествуваа и гувернерите на централните банки на Ерменија, на Молдавија и на Грузија, гувернерката посочи декаемпириските студии ја потврдуваат значајната улога на затегнувањето на монетарната политика во процесот на намалување на инфлацијата. Така на пример, според проценките на Европската централна банка (ЕЦБ), индексот на потрошувачките цени во еврозоната би бил повисок од 2,5 процентни поени до 3 процентни поени во 2024 година, доколку не беше спроведено монетарното затегнување. Таа ја потенцираше специфичноста на овој циклус монетарно затегнување, коешто следува по долг период на ниски каматни стапки и претставува едно од најусогласените и најсилните монетарни реакции во последниве педесетина години.
Соодветната поставеност на монетарната политика овозможи намалување на стапките на инфлација, коишто од двоцифрени се сведоа на ниски едноцифрени стапки на раст. Освен справувањето со инфлацијата, кое беше приоритет за централните банки, од особено значење беше и тоа политиките да се постават внимателно за да не се втурнат економиите во рецесија и за да се задржи макрофинансиската стабилност. „Монетарните политики беа поставени соодветно, за што сведочат и податоците на економиите во Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ), но и глобално. Така економската активност во регионот во изминатиов период продолжи да закрепнува, иако со нешто поумерено темпо во споредба со преткризниот период, кое се очекува постепено да забрзува во претстојниот период. Исто така, финансиските институции покажаа висока отпорност за време на циклусот на монетарното затегнување, додека нивната адекватност на капиталот се подобри”, посочи гувернерката.
„И покрај значителниот успех во справувањето со инфлациската епизода, одредени ризици и понатаму постојат, што бара натамошна внимателност заради среднорочно одржување на ценовната стабилност”, изјави гувернерката. Поголемата инерција на базичната инфлација, растот на платите и потребата за фискална консолидација во целиот регион, остануваат прашања коишто треба внимателно да се следат. Исто така, и долгорочната отпорност на поголеми шокови, бара структурни реформи. Напорите, како диверзификација на синџирите на снабдување, зголемување на домашниот производствен потенцијал, намалувањето на енергетската интензивност, се од суштинско значење за заштита од идни шокови, особено во регионот на ЦИЈИЕ. Преку заеднички напори, монетарните и фискалните власти можат да продолжат да постигнуваат одржлива ценовна стабилност, дури и во услови на сложени економски предизвици”, изјави гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Форумот на Централна и Источна Европа е еден од водечките традиционални настани од областа на финансиите. На овој годишен настан редовно присуствуваат повеќе од илјада учесници – гувернери на централни банки, министри за финансии, раководители на финансиски институции и инвеститори. Во рамки на Форумот, гувернерката Ангеловска-Бежоска имаше средба со високи претставници на Европската банка за обнова и развој, повеќе приватни финансиски институции и потенцијални институционални инвеститори.