Skip to main content
Македонија

Илире Даути бара од Гаши да свика седница: Пратениците да гласаат за укинување на заклучокот за интерпелација

14/01/2025  15:11

Илире Даути очекува претседателот на Собранието Африм Гаши да свика пленарната седница на која ќе биде укинат заклучокот кој беше усвоен во петокот на гласањето интерпелација за неа за работата како претседателка на Комисијата за социјална политика. Само во тој случај, вели таа во интервју за Алсат, ќе прифати да продолжи да ја води Комисијата.

-Африм Гаши нека свика пленарна седница, да дојдат пратениците и да гласаат токму за укинување на заклучокот кој дента е усвоен и да гласаат за Илире Даути за претседателка на Комисијата, како слободна пратеничка, без влијание и без диктат и без поставени услови предвреме, во таа форма како што сум одлучила. И јас ќе продолжам да бидам претседателка на Комисијата. Таквите игри и планови за да ме стават мене во нивната мрежа, не поминуваат. Јас потценување не прифаќам, изјави Илире Даути од Европски фронт.

Засега од Кабинетот на претседателот на Собранието не одговараат дали Гаши ќе испрати допис до Комисијата за да констатира дека на Даути и е изгласана недоверба. Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат тој тоа да го стори односно да побара Комисијата за избори и именувања да ја спроведе процедурата за разрешување на Даути.

–Пратениците со гласање донесоа одлука дека е прекршен Деловникот. Од тој момент повеќе претседателката нема морален кредибилитет да ја води Комисијата. Никој не го оспорува правото на опозициската коалиција предводена од ДУИ да си предложи нов претседател и сигурно сме дека коалицијата СДС – ДУИ – Левица ќе го поддржат новиот предлог како што често пати ја координираат опозициската активност во Собранието, вели Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Европскиот фронт најавија дека до утре ќе коалицијата ќе одржи средба и ќе одлучат што ќе прават, дали Даути ќе остане претседател или пак ќе предложат друг кандидат на чело на Комисијата. Претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села со став дека таа ќе остане претседателка на Комисијата.