Skip to main content
Музика

Шерифовиќ од Скопје: Најстрасните фанови се во партер, не оние со ролексите во вип делот

24/10/2024  17:32

По 6 години Марија Шерифовиќ повторно со концерт во Македонија. Таа на 2 Ноември ќе одржи спектакуларен концерт во Арената Борис Трајковски, како дел од турнејата “Доаѓа љубов (Долази љубов)” а како што кажа денес се надева дека тој ќе биде исто така посебен како што бил и претходниот во 2018 година, бидејќи публиката е таа која што и е најважна и колку и да не е расположена, вели пред публиката мора да отпее најдобро.

“Јас доаѓам со својот бенд и со целата екипа и продукција за на сите кои ќе дојдат таа вечер во Арената да им ја закрепнам душата, да им го излечам срцето и се надевам да им направам тоа да им биде најдобриот концерт во животот”, истакна Шерифовиќ.

На шега истакна дека секогаш толку добро се забавува на концертите што се размислива да стане стенд ап комичар, и токму тоа е причината зошто секој концерт го најавува и доживува како најдобар во својата кариера.

“Организаторите си имаат свој концепт но јас секогаш негодувам и се обидувам да бидам погласна од оние во вип делот кои се веднаш до бината, затоа што таму седат луѓе кои пушат, пијат и изигруваат манекени со своите ролекс часовници… Јас тоа не го сакам. Јас сакам да ми е блиску публиката од партер. Ни малку не ги омаловажувам оние во вип делот, тие го сакаат својот вид на луксуз и мене тоа ми е јасно, но најстрасните фанови се во партер”, додаде пејачката.

Вели на секој концерт веќе 20 години се обидува да запамети барем една насмевка, барем едно лице или приказна за што би можела да раскажува кога ќе биде постара на своето дете и внуци.

На прашање на новинарите дали повторно би се пријавила на Евровизија, категорично кажа не, затоа што веќе не се цени добрата песна и интерпретација.

Најави дека би сакала да пее до свои 58 години и ништо повеќе. Марија истакна дека не сака во својата длабока старост се уште да биде на сцената и да ги прави сите овие работи, туку тој период доколку се уште е жива, би сакала да ужива.

“Мојата кариера генерално е таква, што не знам дали би ја посакала на некого, но јас сум горда на неа. Не е ни малку лесно, ни малку забавно на Балканов на било каков начин да бидеш поинаков. Ова е мој апел до било кого кој е свој, на свој начин, да ја зголемува својата самодоверба, својата глава, своето ментално здравје и да не потклекнува кон тоа да се промени и да падне под притисокот на препреките во животот.

Мојата награда најголема од сите е всушност тоа што јас сум истата и по 20 години. Исто изгледам исто зборувам, мене баш ми е гајле што некој ќе каже или мисли. И на крајот можам да кажам само Боже ти благодарам што има кој да ме слуша”, заврши таа.

За претстојниот концерт не откри дали ќе има гости, затоа што рече нејзините колеги кои ги почитува и сака се многу зафатени а не би викнала било кого за свој гостин на концерт.

Наталија Јосифоска