САД најголеми донатори за Армијата на Србија

Министерството за одбрана на Србија објави во Информаторот за работа преглед на донациите кои покажуваат дека од 2014 до 2018 година Србија добила најголема помош од САД.

Според Блиц, Србија добила околу 10 милиони американски долари помош од САД во опрема и пари.

Втора на списокот е Кина, со донации од околу 5,2 милиони евра, а потоа следува Норвешка со 586,000 евра, Данска со 494.860 евра и Велика Британија со 169 000 фунти.

Србија добила најголеми донации од САД за набавка на симулатори за обука за воени операции во вредност од 1,4 милиони американски долари и мулти-наменска опрема за полигон за обука во вредност од 819.800 американски долари.

Информаторот на МО објавува дека за пет години Русија донирала 45.000 евра и тоа за справување со последици од природни непогоди и 10 комплети падобрани.

Блиц пишува дека 10 возила БРДМ2, од контингент на руска донација од 30 тенкови Т-72 и 30 БРДМ2, пристигнале во Србија, но дека тие возила, како и програмата „миг” или американските „хамви”, на пример, не се објавени во Информаторот за работата на  Министерството за одбрана, во кој се претставени донации на Армијата во изминатите пет години.

САД се најголем единечен донатор на српското Министерство за одбрана во 2018 година, покажуваат официјалните податоци. Министерството за одбрана минатата година добило 2,5 милиони евра донации, од кои дури 2,3 милиони од САД. Следни на списокот на донатори за изминатата година се Норвешка со 100.000 евра, Велика Британија со 17.000 евра, Чешка со 10.000 евра и Делегацијата на ЕУ во Србија со 8000 евра.

Треба да знаете
Последни објави