Skip to main content
Македонија

Мицкоски ќе оди на инаугурацијата на Трамп

10/01/2025  11:05

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски на 20 јануари во Вашингтон ќе присуствува на инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп. Како што информираат од Владата за МИА, Мицкоски на 20 јануари ќе присуствува и на свеченоста насловена како „Гласови на слободата“ која ќе се одржи по инаугурацијата организирана од компаниите Трамп медиа и Рампл.

Најавено е дека за време на престојот во Вашингтон, македонскиот премиер ќе се сретне со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на претседателот Доналд Трамп и министер за трговија, Девин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација и со извршниот директор на Рамбл, Крис Павловски. Од Владата посочуваат дека можни се и повеќе други средби.

Ова ќе биде втора инаугурација на Доналд Трамп, кој ќе биде 47. претседател на Соединетите Американски Држави. На инаугурацијата во Капитол се најавува присуство на бројни претседатели и премиери, но и први луѓе на светските организации. Првиот претседателски мандат на Трамп беше од 20 јануари 2017 до 20 јануари 2021 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска во Давос изрази очекување дека САД ќе склучи трговски договор до претседателските избори во неговата земја, во ноември.

Премиерот Мицкоски во новогодишното интервју за МИА најави дека на 18 јануари заминува во посета на Соединетите Американски Држави (САД), два дена пред инаугурација на новоизбраниот американски претседател Трамп.