Skip to main content
Свет

Од куќи во пламен во Лос Анџелес евакуирани 30.000 луѓе, меѓу нив и познати холивудски актери

08/01/2025  18:41

Околу 30.000 луѓе во Лос Анџелес се евакуирани додека пожарникарите се борат со големиот пожар што избувна во вторникот и зафати површина колку 1.000 фудбалски терени. Горат цели улици и невозможно е да се избројат куќите кои се во пламен. Од вчера милиони луѓе во сојузната држава Калифорнија се под предупредување со црвено знаме, што значи дека постои екстремна опасност од ширење на пожарот поради силните ветрови што се појавија во вторникот по долгата суша.

Во изминатите два дена пожарот се рашири на три локации во Лос Анџелес поради што е наредена итна евакуација. Пожарникарите веќе не можат да ги сочуваат домовите во загрозените подрачја, каде што се и луксузните вили на познатите личности и нивна цел е само спасување на луѓето, милениците и локализирање на огнот. Во два округа на Лос Анџелес е прогласена вонредна состојба. Актерот Џејмс Вудс сподели видео од пожарот што избувна покрај палми на рид, во близина на неговиот дом во Пацифик Палисадес, меѓу Санта Моника и Малибу, каде што изгореа најмалку 510 хектари. Многу холивудски ѕвезди, меѓу кои: Џастин Бибер, Менди Мур, Јуџинј Ливај, Том Хенкс, Џениофер Анистон… со семејствата мораа да ги напуштат своите домови.

-Поради силните ветрови, нема можност за локализирање на пожарите, изјави за Си-ен-ен, Дејвид Акуна, командант на Одделот за шумарство и противпожарна заштита во Калифорнија.

Канцеларијата за образование на округот Лос Анџелес соопшти дека училиштата во 19 окрузи во тој дел на Калифорнија се затворени. Познатото средно училиште „Палисадес Чартер“, кое е користено како локација за снимање на најмалку 30 филмови и ТВ емисии, исто така, е опкружено со оган. Популарниот музеј „Гети Вила“, во кој има збирка на уметнички дела и артефакти – вклучувајќи слики од Винсент ван Гог и Клод Моне, како и грчки и римски скулптури е затворен до следната недела. Сè уште не е познат точниот обем на уништувањето, но снимките од теренот откриваат дека ситуацијата е катастрофална. Меѓу другите, во источниот дел на зоната за евакуација е и резиденцијата на американската потпретседателка Камала Харис, која во моментов е во Вашингтон.

Од загрозените подрачја доаѓаат вознемирувачки снимки, а по социјалните мрежи се шират страшни приказни за спасување луѓе, додека сè уште нема извештаи за жртви и сериозно повредени, освен за една 25 годишна пожарникарка која е со тешка повреда на главата. На социјалните мрежи е објавено дека двајца мажи и едно куче останале заробени во куќа додека околу неа дивеел пожар. Сите се успешно евакуирани. Објавени се и снимки од спасување на стари луѓе во центар во Пасадена. На снимките се гледаат десетици постари луѓе во инвалидски колички, од кои многумина носеле само тенки пижами и шалови. Некои од нив немале време да ги облечат чевлите и го напуштиле центарот по чорапи. Работниците забрзано се движат меѓу евакуираните, обезбедувајќи помош и засолнувајќи ги од студениот ветер. Со булдожери се тргаат стотици напуштени возила, за да се направи место за пожарните.

Вчера околу пладне, втор ден по избувнувањето, пожарникарите од Калифорнија соопштија дека пожарот е нула проценти локализиран. Облакот од чад од пламените јазици е толку висок што може да се види на оддалеченост од повеќе од шест милји, од познатата плажа Венеција во Лос Анџелес. Пожарникарите, кои на теренот ги има над 1.400, вчера попладне предупредија дека им снемуваат вода и потребни материјали. Предупредувањата за итна евакуација се проширија дури до Малибу и Калабасас. Градоначалничката на Лос Анџелес, Карин Бас на мрежата „Икс“ објави дека шокантното ширење на пожарот веројатно нема да се смири наскоро.