Skip to main content
Магазин

Tреба ли да го загреете моторот пред да почнете да возите?

17/10/2024  22:04

Многу производители на автомобили тврдат дека моторот со внатрешно согорување повеќе не треба да се загрева до работната температура пред да почне да се вози, но што вели праксата?

Ова тврдење е оправдано со високите производствени стандарди според кои се произведуваат моторите и изборот на материјали. Но, ако сакате долго да уживате во вашето возило, не треба да ги слушате, пишува германскиот магазин Autobild.

Секој мотор треба да се загрее, велат тие, за да се намали абењето. Ладното моторно масло обично е многу погусто и повискозно од моторното масло кое е на работна температура.

При ладно палење потребно е повеќе време маслото да се испумпа до лежиштата и до местото за подмачкување на моторот и турбополначот. Ако тргнете веднаш по палењето, ризикувате недоволно подмачкување на важните делови, потоа поголемо абење и, во најлош случај, дури и оштетување на моторот.

Секако, тоа важи и во лето, но многу повеќе за зимските температури.

Што треба да правиме?

Прво запалете го моторот, а потоа врзете го појасот. Секој што го следи ова мало правило прави многу добро за моторот. Сепак, дури и ако маслото ги достигнало сите важни точки за подмачкување во моторот или во турбополначот, не мојте веднаш да тргнувате.

Моторот со внатрешно согорување се состои од повеќе од 1.000 делови кои се направени од различни материјали. Ова значи дека компонентите се шират со различни стапки додека се загреваат. На пример, клиповите се загреваат многу брзо со согорувањето што се случува во цилиндерот, што предизвикува нивно побрзо проширување.

На ѕидовите на цилиндерот, кои се дел од блокот на моторот, им треба повеќе време за ова. Јазот, односно растојанието помеѓу клиповите и ѕидовите на цилиндерот станува премало, што значи дополнително абење.

Главата на цилиндерот, исто така, често е направена од различен материјал од блокот на моторот. Ако компонентите не се шират рамномерно, може да дојде до истекување. Пукнатини од стрес може да се појават и во главата на цилиндерот.

Сè додека моторот не ја достигне работната температура, вртежите во минута треба да останат во долната третина и се препорачува да не се вози со полна гас.