Денес на седница на Советот на oпштина Бутел беше усвоен најголемиот проектиран буџет од 828 милиони денари.
Усвоениот буџет е развоен буџет и буџет кој е наменет исклучиво во служба на граѓаните, велат од општината, додавајќи дека буџетот за жал не го поддржале советниците од ДУИ.
„Советниците од ДУИ не го поддржаа проектот за вода во Љубанци и Љуботен, не поддржаа асфалтирање на нови улици во Љуботен, Визбегово, Скопје Север, Бутел, не поддржаа нови проекти и не го поддржаа развојот на општина Бутел. Советниците на ДУИ 20 години не покажуваат никаков интерес за граѓаните на општина Бутел“, велат од општина Бутел.
Во буџетот за 2025 год. се предвидени 178 милиони денари за капитални проекти.
Со овој буџет се издвоени финансиски средства за реализација на парк во населбата Радишани, пешачка патека покрај река Серава, детска градинка во Бутел 2,уредување на речното корито на река Серава, реконструкција на клучните сообраќајници во општина Бутел, реконструкција и ревитализација на голем број на помали сервисни улици, изградба на нова и реконструкција на постоечката атмосферска и фекална канализација, изградба на нови спортско-рекреативни центри, нови детски игралишта, нови спортски игралишта,нови пешачки и пристапни патеки, поддршка на спортски клубови, спортски стипендии, субвенционирање за кровови и фасади, парична помош за пензионерите,зголемен број на финансиски средства за помош на социјално-загрозени семејства и средства за културни и спортски настани.
Се додва дека со овој буџет не се предвиени средства за репрезентација, патни трошоци, како и непродуктивни трошоци.
Општината најавува дека 2025 година ќе биде година на развој, на многу нови значајни проекти во сите населени места.