Германија во највозбудливиот натпревар досега на ЕП по две продолженија ја совлада Литванија

Германија и Литванија го одиграа највозбудливиот натпревар на Европското кошаркарко првенство, а победникот беше одлучен по две продолженија. Во „Ланксес“ арената се радуваа Германците кои славеа со 109:107. По три одиграни кола во групата Германија е прва со максимални три победи, а Литванците иако беа едни од главните фаворити за титулата имаат три порази. Германија можеше да победи во регуларниот дел од натпреварот, на 50-тина секунди до крајот имаше пет поени предност. Потоа Вачанчиунас погоди едно слободно фрлање, а по второто неговите соиграчи ја освоија топката по што центарот погоди за минус два, 89:87.

Нападот за победа го имаше Денис Шрудер, но беше непрецизен, по што Валанчиунас го однесе натпреварот во продолжение. Во него, Григонис и донесе водство на Литванија од 89:91, а потоа и за 91:94.

Сепак, Германците возрадија преку Вагнер и Тиман, а Шрудер во последните секунди погоди за два поени и со прецизно изведеното слободно фрлање за 96:96 го однесе натпреварот во второ продолжение.

Во него, Германија предводена од Шрудер направи серија од 5:0, Литванците возвратија преку Вачанчиунас, но Маодо Ло со тројката на 109:104 ги приближи „панцерите“ до победата. Во финишот, Литванија имаше шут за победа во последната секунда, но Григонис не беше прецизен.

Вагнер со 32 поени и 8 скока и Шрудер со 25 поени беа најдобри кај Германија, додека на спротивната страна, Јонас Валанчиунас имаше дабл-дабл од 34 поени и 14 скокови.

Кошаркарите на Црна Гора со 91:81 ја совладаа Бугарија и ги задржаа шансите за пласман во следната рунда. Следен противник на Црногорците ќе им биде Шпанија.

Најефикасни во победничката селекција беа Владимир Михајловиќ со 23, Игор Дробњак и Бојан Дубљевиќ со 17 и Немања Радовиќ со 16 поени, додека Александар Везенков со 26 поени беше прво име кај Бугарија.

Треба да знаете
Последни објави