Skip to main content
Македонија

Забрана за сообраќај за тешки товарни возила на неколку патни правци

25/12/2024  07:38

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција од дежурните екипи на ЈП Македонијапат. Забрани за сообраќај за тешки товарни возила има на патните правци Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, Тетово – Попова Шапка и на планинските премини Плетвар, Ѓавато, Стража и Маврово.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од 15 ноември 2024 година започнува законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март 2025 година.