Родовиот јаз меѓу вработените ширум Европа и натаму е значителен во корист на мажите, како во однос на висината на платите, така и при нееднаквост во пристапот до работа, напредувањето и наградувањето.
Според податоците на Евростат, мажите во ЕУ во просек заработуваат за 12,7 отсто повеќе од жените, при што Луксембург е единствената земја меѓу членките на Европската Унија каде просечните плати на жените се повисоки од оние на мажите и тоа за 0,7 проценти.
Родовиот јаз на платите во корист на мажите е најголем во Естонија и изнесува 21,3 отсто, по што следуваат Австрија со 18,4 и Чешка со 17,9 проценти. Во Германија разликата на платите меѓу половите изнесува 17,7 отсто, а во Франција 13,9 проценти.
Најмал родов јаз во платите, под пет отсто, има во Италија од 4,3, Романија од 4,5 и Белгија од речиси пет проценти.
Од земјите во регионот, разликата во платите меѓу половите е најголема во Бугарија од 13 проценти, кој е и единствена над просекот на ЕУ, додека во Хрватска изнесува 12,5, во Грција 10,4, а во Словенија 8,2 отсто.
Намалувањето на родовиот јаз во платите долги години се наведува како еден од приоритети на ЕУ, цел која, според статистичките податоци, се остварува, но со бавно темпо. Така, во 2012 година разликата изнесувала 16,4, а во 2022 – 12,7 отсто, што претставува намалување од 3,7 процентни поени.
Дополнително, во посочениот период во пет земји јазот дури бележи и раст и тоа од 3,7 процентни поени во Словенија, 2,2 во Летонија, 1,4 во Полска, 0,7 во Малта и 0,1 процентни поени во Литванија. Од друга страна, најголемо намалување на јазот има во Шпанија од 10 проценти поени, пред Естонија од 8,6, Луксембург од 7,7, Кипар од 5,4 и Германија и Холандија од по 5,0 процентни поени. Во останатите земји половиот јаз во платите е намален за под пет проценти.
Податоците покажуваат и дека родовиот јаз е поголем во приватниот отколку во јавниот сектор во ЕУ, при што во пет земји тој е над 10 процентни поени. Исклучок од ова се само три земји – Португалија со поголем јаз во јавниот отколку во приватниот сектор од 1,4 проценти поени, Словенија од 0,7 и Финска од 0,5 проценти поени.
Според Евростат, помалиот јаз во јавниот сектор можеби се должи на фактот што платите во таму главно се одредуваат со систематизации кои подеднакво важат и за мажите и за жените.
Половиот јаз во платите во јавниот сектор е најголем во Унгарија од 16,1, пред Финска од 15,9 и Летонија од 15,3 проценти. Кипар е единствената земја во ЕУ каде жените во јавниот сектор заработуваат повеќе од мажите и тоа за 0,2 отсто, по што следуваат Полска со 1,0 и Белгија со 1,2 проценти повисоки плати на мажите административци.
Најголем полов јаз во приватниот сектор има во Чешка од 20,5 отсто, пред Германија со 19.9 и Кипар со 19.5 проценти. Во случајот на Германија ваквите податоци укажуваат дека за истото работно време за кое мажите заработуваат 100 евра, жените добиваат нешто над 80 евра. Најмали разлики во платите меѓу половите во приватниот сектор има во Белгија од 8,1 отсто, пред Романија од 8,6 и Шведска од 9.9 проценти.
Според Европската комисија едни од главните причини за родовиот јаз во платите во ЕУ се секторската сегрегација, односно фактот што жените се значително мнозинство меѓу вработените во сектори со релативно ниски примања, како што се негата, здравството и образованието, како и тоа што жените почесто се ангажирани со скратено работно време од мажите.
Покрај ова, разликата се должи и на тоа што мажите генерално заземаат повисоки раководни позиции од жените. Така, во 2021 година, само 35 отсто од менаџерите во ЕУ биле жени.
Во сите земји на ЕУ, мнозинство од менаџерите биле мажи, додека најголем удел на жени на раководни позиции имало во Летонија од 46 отсто, пред Полска и Шведска со по 43 проценти. Најмал удел на жени менаџери имало во Кипар од 21 отсто, пред Луксембург од 22 и Холандија од 26 проценти.
Од друга страна, статистичките податоци покажуваат и дека иако се помалку платени, жените во просек се пообразовани од мажите. Така, во 2022 година во просек 37,1 отсто од жените во ЕУ биле со високо образование, додека кај мажите таа стапка изнесувала 31,4 отсто. Исклучок од ова се само Германија и Австрија, каде има повеќе факултетски образовани мажи од жени.
Сепак, иако се пообразовани, жените во ЕУ се помалку работно ангажирани со стапка на вработеност од 83,6 отсто, наспроти 88,9 проценти кај мажите.
Стапката на вработеност кај мажите во ЕУ е поголема од онаа на жените во сите земји на ЕУ, при што просечната разлика изнесува 9,8 процентни поени. Таа е највисока во Грција и изнесува 19,1 процентни поени, пред Италија од 18,1 и Романија од 17,1 процентни поени. Во останатите земји членки на ЕУ разликата е под 15 процентни поени, при што најниска е во Литванија од 0,3, Финска од 0,8, Естонија од 2,2 и Летонија од 2,3 процентни поени.