Skip to main content
Свет

Помеѓу осум и 16 отсто од населението на ЕУ се соочува со енергетска сиромаштија

24/12/2024  12:28

Сè повеќе Европејци не можат да ги загреат своите домови соодветно во зима. Помеѓу осум и 16 отсто од населението на ЕУ сега се соочува со енергетска сиромаштија. Годишниот процент на Европејци кои не можеле да одржуваат доволно топлина во своите домови во зима е зголемен. Додека во 2021 година изнесуваше 6,9 отсто, во 2023 година достигна 10,6 отсто, соопшти Евростат.

Енергетската сиромаштија сега би можела да достигне 16 отсто, пишува „Еурактив“, повикувајќи се на најновата студија на германскиот институт GESIS, во која се наведува дека на краток рок, владите треба да воведат мерки за поддршка засновани на приходи, особено за ранливите домаќинства во регионите со екстремни временски услови како што се Југоисточна и Источна Европа.

Европската комисија ја дефинира енергетската сиромаштија како ситуација кога домаќинството треба да ја намали потрошувачката на енергија до степен што негативно влијае на здравјето и благосостојбата на жителите.

Во Грција и Бугарија речиси 30 отсто од населението е енергетски сиромашно, додека во западните и северните земји на ЕУ оваа бројка паѓа под пет отсто, покажуваат податоците на Комисијата.

Студијата објавена од ГЕСИС ја нагласува потребата за справување со енергетската сиромаштија преку комбинација на долгорочни и краткорочни мерки.

Долгорочните стратегии вклучуваат реновирање на стари згради за подобрување на енергетската ефикасност, решавање на структурните недостатоци и обезбедување пристап до основните санитарни објекти. Неопходни се и инвестиции во зелена енергија и иновативни технологии.

Додека зелената транзиција нуди долгорочни финансиски заштеди преку енергетски ефикасни технологии, домаќинствата со ниски приходи – на кои најмногу им требаат такви заштеди – често немаат пристап до капитал или кредит за да си ги дозволат овие инвестиции, што ја влошува нееднаквоста.