Skip to main content
Македонија

Граѓаните за новогодишната кошничка: Нема намалување, прво ги качија цените па сега ги намалија

20/12/2024  15:15

Веќе 5 дена се поминати откако почна да важи таканаречената новогодишна кошничка како нова мерка на Владата за намалување на цените на прехрaнбените продукти.

Владата на големо се пофали дека заедно со производителите и големите компании успеале да се договорат да намалат дури 900 производи, но дали и граѓаните се согласуваат со ова?

Имено за прв пат се намалија конкретни производи од конкретен произведувач со кој Владата склучила договор, односно на пример не се намали секое продажно млеко за пиење, туку само млекото од одреден произведувaч во Македонија.

Секогаш најважно е мислењето на граѓаните, па поради тоа 24 Инфо ги праша нив што мислат за новогодишната кошничка и дали го почувствуваа намалувањето на цените по нивните финансии.

Од она што можеше да го забележи нашата камера, граѓаните не веруваат на оваа мерка на Владата, затоа што, како што велат, трговците најпрво ги зголемиле цените на производите, па сега ги намалија и цената повторно останала иста.

Тие се децидни дека мерката нема никаков ефект по нивните финансии и се жалат дека се што купуваат е многу скапо.

“Кафето на пример беше 125 денари па го качија на 149, па сега пак го намалија на 125… ете тоа е тоа намалување”, разочарано коментира еден граѓанин.

Има и такви кои велат дека намалени се работи кои не им се од корист или пак работи кои се со рок пред истекување, а дел од нив истакнаа и дека се соочиле со измами од страна на трговците бидејќи една цена била истакната на рафтовите а друга им била наплатена на касите.

На прашањето дали некаде пријавиле за ваквите измами тие велат државата има свои инспектори кои треба да ги контролираат трговците, па не сметаат дека нивните пријави би смениле нешто, доколку тие не си ја извршиле својата работа.

Целата анкета погледнете ја во продолжение:

Наталија Јосифоска