Околу 40 држави апелираат за заштита на УНИФИЛ

Најмалку 40 држави изразија „целосна“ поддршка на Мировната мисија на ОН во Либан (УНИФИЛ) и побараа заштита на сините шлемови откако во изминатите два дена при израелските напади повредени се пет мировници.

– Цврсто ги осудуваме последните напади врз припадниците на мировните сили. Таквите акции треба веднаш да прекинат и на соодветен начин да бидат истражени. Ги повикуваме сите страни во судирот да го почитуваат присуството на УНИФИЛ, што значи да ја гарантираат безбедноста на сите вработени цело време, се наведува во заедничкото писмо.

Тие исто така посочија дека „улогата на УНИФИЛ е посебно пресудна во светло на ескалацијата на тензиите во Блиски Исток“.

Мисијата на ОН ја обвинува израелската армија за повторени и намерни гаѓања на нејзините позиции.

УНИФИЛ е создаден за да го надгледува повлекувањето на израелските војници од јужен Либан по израелската инвазија во 1978 година. ОН ја проширија својата мисија по војната помеѓу Израел и Хезболах во 2006 година. Во Либан сега има распоредено повеќе од 10.000 мировници од околу 50 земји. Најголеми контингенти имаат Индонезија, Индија, Гана, Италија и Непал.

Треба да знаете
Последни објави