Skip to main content
Македонија

Денеска се слави Свети Никола – најпразнуваниот светец и заштитник!

19/12/2024  09:24

Свети Никола е голем македонски празник, а како слава го има речиси секое второ православно семејство. Трпезата е посна, а Свети Никола меѓу другото, се смета за заштитник на морињата.

Празникот Свети Никола, кој на 19 Декември го слават православните христијани во Македонија, заедно со Свети Димитрија (Митровден) и Пресвета Богородица, се трите најмасовни домашни слави што се прославуваат во Македонија.

Сепак, Свети Никола е еден од празниците што македонските православни верници најмногу го слават како домашна слава или, пак, како именден. Речиси секое второ семејство овој ден го празнува како слава. Свети Никола е најпразнуваниот светец и многу македонски семејства вечерта ќе го прослават празникот со богата посна трпеза, на која преовладуваат риба, посно гравче и посни сарми.

Во Македонија и во светот има безброј цркви, манастири, икони и фрески посветени на овој светец. Овој светец имал многу возбудлива животна приказна, која со векови ги фасцинира христијаните.

Роден во малоазискиот град Патара, пристаниште на медитеранскиот брег на денешна Турција, свети Никола живеел во 4 век, многу пред расколот помеѓу Православната и Католичката црква од 1054 година.
Неговите богати родители Теофан и Нина, го добиле синот Никола во време на владеењето на римскиот цар Валеријан (253 – 260 година), алчен човек што поради страста за златото организирал воен поход на Персиското Царство. Младиот Никола растел во такво нестабилно опкружување.

Кога неговите родители умреле во големата епидемија, Никола го разделил целото наследено богатство. Никола е избран за архиепископ мирликиски. Бил и еден од архиепископите што се повикани пред царот Константин на саборот во Никеја во 325 година.

Свети Никола умрел на 19 декември 343 година. Погребан е во соборната црква „Мирликиска митрополија“, а кон крајот на 11 век неговите мошти се пренесени во Бари, во манастирот „Свети Јован Претеча“.

Професорот од Теолошкиот факултет во Скопје Ратомир Грозданоски вели дека свети Никола е еден од светителите што ги празнуваат сите христијани и имаат еднаква почит кон него, и католиците и православните, но интересно е што го празнуваат и протестантите.

– Името Никола е многу распространето и се среќава и меѓу православните, и кај римокатолиците, и кај протестантите, како: Никола, Николај, Николаос, Ник, Никол, Ниче, Коле, па Николина, Ники… На сите овие имиња коренот им е од Никола. Сите тие се носители на едно прекрасно име – на името свети Никола – објаснува професорот Грозданоски.

Христијаните веруваат дека Свети Никола Чудотворец на многу пати ги спасувал изгубените бродови и поради тоа тој е заштитник на морепловците, рибарите, бродовите. Во христијанскиот календар, свети Никола се слави на 6 декември според стариот Јулијански календар т.е. на 19 декември, според новиот Грегоријански календар.