Коста ги обвинува родителите: Мајка ми постојано бараше повеќе од мене, а да не беа пиштолите на татко ми немаше да пукам

Мајката која постојано барала да биде најдобар и таткото кој дома чувал пиштоли, Коста Кецмановиќ ги посочил како виновници за масакрот што лани, на 3 мај, го изврши во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, кога настрадаа девет ученици и училишниот чувар, а беа ранети шест лица.

-Мајка ми постојано бараше да бидам најдобар. Се лутеше и викаше кога не бев најдобар. Поради тоа што постојано бараше повеќе од мене, ѝ се лутев и нејзе. Тоа нејзино однесување влијаеше да го направам тоа што го направив. Да ги немав пиштолите на татко ми, не би го направил ова, повикувајќи се на свои извори Курир.рс ја пренесе оваа негова изјава дадена вчера во Специјалниот суд во Белград.

Коста Кецмановиќ вчера во судот даваше исказ како сведок на судењето на неговите родители, Миљана и Владимир.

Според овој медиум, Коста останал на својот исказ дека кобниот ден ги зел двата пиштола на татко му, ги ставил во ранецот и тргнал на училиште. Решил намерно да задоцни на првиот час за да бидат сите ученици во училницата.

Други српски медиуми неофицијално пренесоа дека Коста изјавил дека масакрот го извршил затоа што се чувствувал отфрлен од другите деца. Оваа негова изјава предизвикала хаос во судницата во која освен неговата мајка беа и родителите на неговите жртви.

-Се чувствував отфрлен од другите деца и затоа ги убив. Тој 3 мај донесов пиштол за да го направам тоа, но сè уште не бев сигурен дека ќе пукам, рекол тој.

„Блиц“, пак неофицијално пренесе дека лекарите кои биле во зградата на Специјалниот суд за време на испитувањето на детето интервенирале во судницата, бидејќи тој нагло седнал поради забрзан пулс.

-Како што неофицијално дознава „Блиц“, тој само нагло седнал, а судијата им рекол на лекарите да му го измерат пулсот. Нему, открива изворот на „Блиц“, пулсот му бил забрзан, по што исказот го давало седејќи, пишува овој портал и додава дека му се слошило непосредно пред да му постави прашање мајката на убиениот Андрија Чикиќ.
Судењето беше затворено за јавност, па официјална потврда на сево ова нема. Адвокатите во постапката излегле по завршување на судењето, но не сакале да зборуваат за овие наводи и кратко прокоментирале дека не смеат да даваат изјави за тоа што се случува во судницата.

-Дознавме многу нови детали, но не можам да ви кажам, бидејќи испитувањето не е завршено, рекла адвокатката Зорана Добричанин, која ги застапува родителите на жртвите, но додала дека е задоволна од она што го дознале.

Коста Кецмановиќ на ова судење за првпат беше очи в очи со родителите на жртвите, но и со своите родители со кои му беше забрането да комуницира од денот на масакрот, кога беше уапсен и затворен на психијатрија, од каде што вчера по година ипол излезе првпат. Тој сведочеше и пред Вишото јавно обвинителство во Белград, но тогаш преку видеоврска разговараше со обвинителот и неговата мајка.

Претходно беше најавено дека на во судницата тој ќе седи во просторија зад затемнето стакло за да не може никој да го види. Исто така, тој имаше право да одбие да сведочи на судењето на родителите. Но како што информираше Танјуг, тој решил да сведочи и тоа не сокриен зад темно стакло, туку од говорница. Со оглед на тоа дека одлучил да зборува, тој морал да одговори на сите прашања на судот, на обвинителството, на адвокатите и на оштетените, кои како што информираа некои медиуми, за него подготвиле 250 прашања. Како што ексклузивно дознава српска „Република“, Коста Кецмановиќ на прашањата одговарал со пауза од една до две минути.

Тој не може да биде обвинет, бидејќи кога го изврши делото немаше наполнето 14 години, а за масакрот во училиштето им се суди на неговите родители Владимир и Миљана Кецмановиќ и на инструкторот на стрелиштето каде што одел, Немања Маринковиќ кој е обвинет за кривично дело давање лажен исказ и е осуден на шест месеци куќен притвор откако склучил спогодба за признавање вина со Вишото јавно обвинителство. Но, родителите уште од почетокот на судењето негираат вина. Таткото, кој е во притвор се товари дека сторил тешко кривично дело против општата безбедност со тоа што 13-годишно дете носел на стрелиште и го научил да пука, како и дека дома чувал оружјето кое не било соодветно заштитено. Мајката, пак, е обвинета за недозволено држење, носење и промет на оружје, со оглед на тоа што нејзината ДНК е пронајдена на чаура во училницата каде што е извршен масакрот, како и на ластичето за коса кое било врзано за шиштето во кое нејзиниот син направил молотов коктел.

Продолжението на сведочењето на малолетниот убиец е закажано за 17 октомври.

Треба да знаете
Последни објави