Адвокатот и поранешен член на Антикорупциската комисија, Драган Малиновски, изјави дека одлуките на Владата се колективни и дека функционалниот имунитет не е апсолутен, особено ако постојат докази за коруптивни дејствија.
– Членовите на Владата уживаат функционален имунитет, што значи дека се заштитени од прогон за донесени одлуки и искажани мислења. Сепак, ако одлуката е базирана на коруптивен настан или постојат докази за кривично дело, одговорноста мора да се бара. Имунитетот не е апсолутен и не може како таков да се прифати – изјави Малиновски во дебатата на „Топ Тема“ за случајот со Државната лотарија.
Поранешната обвинителка Вилма Рускоска го коментираше заминувањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби од државата, оценувајќи го како „голема грешка“. Таа смета дека доколку останел во земјава, шансите да му биде одреден притвор би биле многу мали.
– Притвор се одредува врз три основи: опасност од влијание врз сведоци, опасност од бегство и опасност од повторување на делото. Ако беше тука, опасност од бегство немаше да има, бидејќи неговото семејство е тука. Што се однесува до повторување на делото, тоа е невозможно бидејќи веќе не е на функција. Третата основа, влијание на сведоци, може да се спречи и на други начини – изјави Рускоска.
По Груби и поранешниот директор на Државната лотарија, Прпетим Бајрами, е распишана потерница. Двајцата, заедно со уште шест други лица, меѓу кои и поранешниот премиер Димитар Ковачевски, се осомничени за злоупотреба на службена положба и примање поткуп во случајот „Државна лотарија“.