Skip to main content
Скопје

“Дедо Мраз дојде со воз“

17/12/2024  15:26

Децата ќе имаат несекојдневна можност да го видат Дедо Мраз како доаѓа со воз. Станува збор за мултимедијалниот новогодишен настан „Дедо Мраз дојде со воз“, кој ќе се одржи на Железничката станица во Скопје.

Премиерата на претставата е закажана за 23.12.2024 со почеток во 19:00 часот, на сцената, музејската поставка и перонот број 1.

Организатори на настанот се училиштето за театар „Од игра до претстава“, во соработка со јавните претпријатија „Македонски железници АД – Транспорт“ и „Македонски железници – Инфраструктура“.

Најмладите, но и сите возрасни што веруваат во Дедо Мраз, годинава ќе имаат уникатна можност да ја проследат оваа претстава, која го следи големото доаѓање на Дедо Мраз во Скопје, со вистински воз, на перонот број 1 на скопската Железничка станица.

Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите елени, џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата.

Приказната се раскажува почнувајќи од музејската поставка „Зошто Дедо Мраз го одбра железничкиот сообраќај?“, преку мултимедијалната театарска претстава „Дедо Мраз дојде со воз“ на сцената на „Македонски железници – Инфраструктура“, а завршувајќи со разгледување на специјалниот новогодишен воз на Дедо Мраз, поставен на перонот број 1. Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата се на Игор Ивковиќ.

Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Мила Трајковски, Ведра Димова, Александар Спироски, а се вклучени и учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.

За потребите на претставата, двете претпријатија, покрај сценскиот и музејскиот простор, заедно со организаторите, успеаја за кратко време да реставрираат локомотива направена во далечната 1942 година, серија 33, и вагон изработен во педесеттите години на 20 век, кој бил во употреба до крајот на седумдесеттите години.

Од неодамна, вагонот е реставриран од Ванчо Милошевски, Владимир Петков, Сашо Цветановски, по урнекот на „Ориент експрес“, кој сообраќал од Лондон до Истанбул.