Речиси секој четврти вработен во Европа сега е мигрант. Особено во земјите со високи плати, овие луѓе играат сè поголема улога, според Меѓународната организација на трудот. Така, во северниот, јужниот и западниот дел на Европа, во периодот од 2013 до 2022 година, бројот на мигранти-работници се зголемил од 22,5 на 23,3 отсто.
Мигранти се сите луѓе кои работат во друга земја од нивната матична земја, го пренесува Дојче веле текстот од порталот tagesschau.de.
„Работниците мигранти се неопходни за да се ублажи проблемот со недостигот на работна сила и да се придонесе за економскиот раст“, рече генералниот директор на Меѓународната организација на трудот, Гилберт Ф. Хонгбо.
Организацијата ги смета за мигранти и лицата со работна виза и оние кои работат во странска земја без валидна работна дозвола. Во глобална споредба, уделот на работниците мигранти во целото работоспособно население е особено висок во Европа, Северна Америка и арапските земји.
Овие региони се од една страна интересни за мигрантите поради високите плати, а од друга страна потребата во овие региони е особено голема. Еден од факторите што го поттикнува ова е сè постарата популација во овие земји. На тој начин мигрантите доаѓаат на оние работни места кои остануваат празни откако луѓето ќе се пензионираат, а во исто време расте потребата од старатели за стари лица.
Оваа состојба се рефлектира и во бројките: речиси две третини од сите работници во европските земји, кои доаѓаат од друга земја, биле вработени во услужниот сектор. Кај домашното население, овој удел изнесува околу половина од работната сила.
Во светот, уделот на мигрантите во работната сила во 2022 година беше 4,7 отсто. Меѓународната организација на трудот го проценува вкупниот број работници мигранти во светот на 284,5 милиони. Околу 255,7 милиони од нив биле постари од 15 години и со тоа биле способни за работа.
Стапката на невработеност кај мигрантите изнесува 7,2 отсто, што е малку повисока отколку кај локалното население (5,2 отсто). Според оваа организација на ОН, причините за тоа би можеле да бидат од лингвистичка природа, значи можните јазични бариери. Но, како причини се наведуваат непризнаените дипломи или уверенија, како и дискриминацијата.