Седница на грчката Влада за промени во Врховниот и Уставниот суд

Грчката Влада денеска одржува вонредна седница зад затворени врати, посветена на изборот на претседател на Врховниот суд, јавен обвинител и тројца потпретседатели на Уставниот суд, што веќе неколку денови предизвикува реакции во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Одлуката на грчката Влада да го заврши процесот за избор започнат со парламентарен процес на почетокот на мај, наиде на остри критики од опозициските партии во Грција. Нова демократија смета дека изборот е противуставен и нелегален, бидејќи во земјата наскоро ќе се одржат парламентарни избори.

Министерот за правда на Грција, Михалис Калогиру, вчера испрати писмо до лидерот на Нова демократија во кое ја изразува „волјата на Владата следниот претседател и јавен обвинител на Врховниот суд и тројцата потпретседатели на Уставниот суд да бидат избрани на владина седница по договор со опозицијата”, на што доби негативен одговор од Никос Панајотопулос, надлежниот за правда во грчката опозициска партија.

Панајотопулос во одговорот до министерот за правда објаснува дека Нова демократија смета дека изборот на претседател на Врховниот суд, обвинител и потпретседатели на Уставниот суд на Грција е противуставен, бидејќи Владата веќе најави предвремени избори, со што всушност е службена Влада, но е и нелегален, бидејќи постои конкретен закон што забранува вработување и именување на државни службеници во предизборен период.

На почетокот на мај започнаа процедурите во грчкиот Парламент за избор на претседател на Врховниот суд, јавен обвинител и тројца заменици претседатели на Уставниот суд, бидејќи мандатот на актуелните вршители на овие функции им истекува на 30 јуни.

 

Треба да знаете
Последни објави