Муминовиќ: Работнички останува расадник за фудбалски таленти

Македонскиот фудбалски прволигаш Работнички од неодамна има нов сопственик, турската компанија „Џевахир“. Тимот од Градскиот Парк во од се престројува за да игра значајна улога на мак-сцената. Со влегувањето на новиот газда обезбеден е буџет за „роматичарите“ со кој ќе биде рамо до рамо со водечките тимови во последниве години, тетовска Шкендија и скопски Шкупи. Сценариото за новата фудбалска приказна во која главната улога ќе ја има тимот од Дебар Маало е подготвено. Новите газди амбициозно тргнуваат во реализација на зацртанот.

Работнички важи за клуб кој верува во младите играчи, им дава шанса да се докажуваат, а и им овозможува да заминуваат надвор од македонските фудбалски простори. Овој испробан рецепт нема да се менува.

-Главениот приоритет за Работнички и со новите сопственици е младинската школа. Работнички останува расадник за фудбалски таленти. Ќе посветиме големо внимание младите да ги имаат сите услови да се развиваат и да добиваат шанса да се докажуваат. Сега во академијата имаме ангажирано десет тренери кои се грижат за 250 деца – вели Сенад Муминивиќ, директор на Работнички.

Трофејниот македонски клуб со освоени по четири шампионски и куп титули со новите сопственици веќе размислува како да ги унапреди инфраструктурните услови. Тоа е првиот предуслов Работнички да се развива и да прераснува во клуб кој не само на домашната сцена, ќе претендира да биде сериозен играч и на меѓународната.

-Во нашите планови е да изградиме тренинг-камп во блиската околина на градот. Тоа во денешно време во фудбалскиот свет е неминовност за да ги остваруваме зацртаните цели. Сениорскиот тим да води главен збор на домашната сцена и да биде редовен учесник на евро-сцената, а младите категории да имаат соодветни услови за работа. Дотогаш ќе користиме неколку игралишта во Градскиот Парк и во градов за реализација на нашите проекти, додва Муминовиќ.

Работнички како домаќин настапува на Арената, но поради реконструкцијата на тревната подлога беше принуден да замине подалеку од својата препознатлива средина. Домаќин есенва е во Маџари.

-Од пролет се враќаме на Арената и очекуваме повеќе публика. Тимот од Дебар Маало планира на сите фудбалски легенди во градов, не само на Работнички, да им подели клупски карти со кои непречено ќе можат да ги посетуваат нашите натпревари. Размислуваме на училиштата во Центар да им понудиме учениците организирано бесплатно да доаѓаат на трибините. На тој начин кај најмладите ќе ја всадиме желбата да се занимаваат со фудбал. Тоа ќе го направиме наскоро, открива директорот на „романтичарите“.

Работнички веќе е интересен за фудбалерите, тренерите па и фирми кои пројавуваат интерес да бидат дел од пријателите на клубот. Тренерската позиција кај сениорскиот тим ја презеде македонската фудбалска легенда Гоце Седлоски, а повеќе компании, домашни па и однадвор покажуваат интерес за маркетинг соработка.

Треба да знаете
Последни објави