Автомобилот доминантно превозно средство во ЕУ

Автомобилите и натаму остануваат доминантно превозно средство во сите земји на ЕУ во споредба со патувањата со возови, автобуси, авиони или бродови, покажуваат податоците на Европската статистичка агенција – Евростат, објавени по повод „Европската недела на мобилност“, што секоја година се одбележува од 16 до 22 септември и има за цел да ја подигне свеста за одржлива урбана мобилност.

Сепак, податоците се однесуват на 2021 година кога се уште владееше пандемијата со Ковид-19 поради што се избегнуваше групен превоз, односно населението како здравствено посигурен го сметаше превозот со сопствено возило.

Според податоците на Евростат, во 2021 година 79,7 отсто од целокупниот патнички превоз во ЕУ се вршел со автомобили, 7,3 проценти со авиони, 7,1 отсто со автобуси, трамваи или тролејбуси, 5,6 со возови и само 0,3 проценти за пловни објекти.

Во споредба со 2011 година, користењето на автомибилите како превозно средство во 2021-та бележи раст за 6,6 процентни поени од тогашниот удел од 73,1 отсто. Од друга страна користењето на јавните превозни средства, како што се возовите, автобусите, трамваите и тролејбусите, бележи намалување за 1,9 процентни поени од 9,0 на 7,1 отсто, а на возовите за еден процентен поен од 6,6 на 5,6 проценти.

Кога станува збор за уделот на воздушниот патнички превоз, тој е намален за 3,6 процентни поени од 10,9 отсто во 2011 на 7,3 проценти во 2021 година.

Треба да знаете
Последни објави