Skip to main content
Скопје

Герасимовски ја доби меѓународната престижна награда TRANSIT за „Енергија Центар”

13/12/2024  17:43

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ ја прими меѓународната престижна награда TRANSIT за постигнување најголем придонес во транзицијата кон обновливи извори на енергија која му беше доделена на трговското друштво „Енергија Центар”. Трговското друштво за производство и продажба на електрична енергија беше основано минатата година од Општина Центар.

Герасимовски, на доделувањето потенцираше дека оваа награда е резултат на посветеноста на општината и „Енергија Центар” за напредокот на енергетската ефикасност и зголемување на употребата на обновливи извори на енергија.

„Се заблагодарувам што втор пат добиваме признание, но сега и на национално ниво кадешто учество зедоа повеќе европски земји, но ние сме единствениот меѓународен победник. Наградата е потврда дека сме на правилниот пат кон намалување на зависноста од користењето на фосилни горива и создавање зелени енергетски решенија за нашите центарци. Со поставувањето на првите фотоволтаици, од страна на „Енергија Центар”, на покривот на градинката „Раде Јовчевски Корчагин” – објект „Пепелашка” донесе заштеда од 50% од потрошувачката на електрична енергија. Како општина продолжуваме да ги поддржуваме иницијативите за унапредување на енергетската транзиција, која е клучна за создавање на еколошки одговорна заедница”, рече Герасимовски.

На натпреварот за транзиција кон обновливи извори на енергија учество зедоа претпријатија од областа на енергетиката и обновливите извори на енергија од Велика Британија, Шпанија, Кипар, Малта, Хрватска, Црна Гора, Србија и Северна Македонија. Единствен победник на меѓународно ниво е „Енергија Центар” од Северна Македонија.