Картичките од брендовите VISA и MasterCard повторно во функција

Банкарските картички повторно се во целосна функција. Од Македонската банкарска асоцијација (МБА) информираа дека e надминат проблемот поврзан со картичните брендови VISA и MasterCard, што беше причина граѓаните да не можат да располагаат со своите пари во целост, односно на банкоматите и во трговската мрежа.  

Проблемот со картичките со овие брендови издадени од сите банки се појави денес претпладне, кога почнаа да стигат реакции од граѓаните за неможноста на нивно користење при плаќање, како и за вадење готовина од банкоматите. Единствена можност за располагање со парите беше тие да се извадат на шалтерите на банките.

Од МБА не соопштија која беше причината за проблемите со картичките издадени од двата водечки светски бренда за банкарски картички. Претходно соопштија дека причина за ова не лежи ниту во нашите телекомуникациски компании, ниту во банките. Неофицијално, станувало збор за регионален проблем.

Треба да знаете
Последни објави