Skip to main content
Спорт

Македонија денеска ги дознава своите ривали на патот кон Светското првенство во 2026 година

13/12/2024  10:22

Фудбалската репрезентација на Македонија денеска ќе ги дознае своите ривали во квалификациите за СП 2026 година во САД, Мексико и Канада. Жрепката ќе се изврши од 12:00 часот во Цирих.

Светското првенство за две години ќе има рекорден број учесници – 48.

„Црвено-жолтите“ ќе бидат во третата урна заедно со Шкотска, Словенија, Ирска, Албанија, Грузија, Финска, Исланд, Северна Ирска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Израел.

Ќе бидат извлечени 12 групи – од А до Л. Во првите 6 групи ќе има четири, а во останатите шест пет екипи. Вкупно 16 селекции од зоната на УЕФА директно се квалификуваат за Светското првенство во 2026 година. Тоа се победниците од 12-те групи, а останатите четири места ќе бидат одредени во март 2026 година во баражот на УЕФА со 16 екипи. На него ќе учествуваат 12-те второпласирани во квалификациската групна фаза и четири највисоко пласирани победници во групите во Лигата на нации 2024/25, кои не се квалификуваа директно за Светското првенство како победници во групите, ниту пак влегоа во баражоте како победници во групите.

Русија нема да учествува на жрепката. Ќе има и голем број ограничувања и тимови кои нема да се сретнат меѓу себе поради политички причини. Тоа се Украина и Белорусија, Азербејџан и Ерменија, Србија и Косово, Шпанија и Гибралтар и Босна и Херцеговина со Косово.

Поделба по урни:

Прва урна: Франција, Шпанија, Португалија, Италија, Англија, Швајцарија, Хрватска, Холандија, Данска, Германија, Белгија, Австрија

Втора урна: Украина, Шведска, Турција, Велс, Унгарија, Србија, Полска, Романија, Грција, Словачка, Чешка, Норвешка

Трета урна: Шкотска, Словенија, Ирска, Албанија, Македонија, Грузија, Финска, Исланд, Северна Ирска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Израел;

Четврта урна: Бугарија, Луксембург, Белорусија, Косово, Ерменија, Казахстан, Азербејџан, Естонија, Кипар, Фарски Острови, Латвија, Литванија

Петта урна: Молдавија, Малта, Андора, Гибралтар, Лихтенштајн, Сан Марино.