Жестоки борби кај Бахмут

Војската на Украина во вторникот извести за тешки борби во источниот и југоисточниот дел на земјата, велејќи дека нејзините сили одбиле десетици непријателски напади, додека руските извештаи, меѓу другото, промовираат успешна одбрана на разурнатиот град Бахмут. Портпаролот на украинскиот Генералштаб Андриј Ковалиов изјави дека украинските сили го одбиле рускиот напредок поддржан од артилериски напади во близина на два града северно од Бахмут, кои беа заробени од руските платенички сили кон крајот на мај.

Променливата ситуација во близина на Бахмут е во центарот на вниманието, а Украина забележа придобивки на јужниот раб на градот, особено во стратешкото село Клишчивка, пишува Ројтерс.

Ослободувањето на селото, кое се наоѓа на високо место, ќе им даде на украинските сили оперативна предност во потенцијалното опкружување на руските сили во Бахмут, велат аналитичарите.

Украина во понеделникот соопшти дека ги контролира ридовите што го опкружуваат селото, дозволувајќи и да пука врз цели во самиот Бахмут. Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили одбиле девет обиди на украинското напредување во источниот регион Доњецк, вклучително и еден напад кај Клишивка.

Украина објави дека повторно зазела група села на југ, како дел од раната фаза на продор кон Азовското Море. Украинскиот генерал Олександр Тарнавски, командант на украинските сили во јужниот сектор на Таврија, преку комуникациската платформа Телеграм објави дека се воделе жестоки битки низ целиот сектор и дека неговите сили одбиле 27 непријателски напади.

Тој ги процени руските загуби во текот на 24 часа на неколку стотици мртви и ранети.

И покрај сите придобивки што Украина ги постигна во својата контраофанзива, руските сили сè уште држат големи делови од земјата по повеќе од 500 дена војна, а според некои проценки, тоа изнесува 17 отсто од украинската територија, забележува Ројтерс.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој вчера изрази незадоволство што НАТО не ѝ понудил на Украина временска рамка за членство, сугерираше дека раните фази на контраофанзивата во двата региона се одвиваат според предвиденото, но исто така рече дека би сакал да види напредок побрзо.

Треба да знаете
Последни објави