Мицкоски е убеден дека и покрај засилените активности на меѓународниот фактор нема пратеник од ВМРО ДПМНЕ кој ќе даде поддршка на уставните измени

На средбите со меѓународните претставници меѓу другото опозициската ВМРО ДПМНЕ не крие дека зборува и за уставните измени кои треба да бидат „зелено светло“ за тргнување со отворање на поглавја за пристапување на земјава во ЕУ. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека на овие средби го повторува ставот оти нема уставни измени под бугарски диктат. Ова го повтори откако деновиве имаше средба и со евроамбасадорот Дејвид Гир, а во истовреме во американската амбасада заменик шефот на мисијата Ерик Мејер разговараше со група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, дали уставните измени сепак биле причината за овие средби, Мицкоски не открива конкретно, но очекува и натаму да има вакви средби.

-И во периодот што следи ќе има повторно нови средби, повторно ќе доаѓаат министри за надворешни работи од повеќе држави и така натаму и истото ова ќе го кажам и ќе разговараме ние сакаме да разговараме.  Ако аргументите на соговорниците ги победат нашите аргументи тогаш ние сме апсолутно подготвени да ги прифатиме, но до овој момент јас не гледам од таа страна ниту еден аргумент или поента кој што навистина треба да го прифатиме, вели Мицкоски.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи е оптимист дека во ВМРО-ДПМНЕ постои идеолошко крило кое ги поддржува уставните измени. Според него во таа група на функционери од редовите на опозиционерите кои сакаат зењмјава да го продолжи евроинтеграцискиот пат се наоѓаат пратеници и членови на Извршниот комитет. Нивниот идентитет сепак не е соопштен сеуште јавно, иако од редвоите на владеачката гарнитура често настапуваат со ваквата оптимистичка реторика. Мицкоски е убеден дека таква група во неговите редови не постои.

-Такво нешто немам до сега како информација, а имам максимална доверба во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, во сите 44 пратеници кои се во парламентот. Пред една година кажав дека помине ли овој предлог јас заминувам од политиката, потсети Мицкоски.

Неговите услови за уставни измени искажани по лидерската средба, за кои неодмана кажа дека им поминал рокот на употреба, се тие да бидат со одложено дејство, односно да важат кога Македонија ќе стане членка на Европската унија. ВМРО ДПМНЕ бара предвремени избори и поддршка од ЕУ за земјава, а Бугарија да исполни барем три пресуди од  14-те од Судот за човекови права во Стразбур кои се донесени за Македонците во Бугарија.

Треба да знаете
Последни објави