СИПРИ: Државите инвестираат во нуклеарни арсенали додека геополитичките односи се влошуваат

 Девет држави кои имаат нуклеарно оружје продолжуваат да ги модернизираат своите арсенали, додека некои од нив минатата година распоредија нови нуклеарни или нуклеарно способни системи, предупреди денеска Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ).

Директорот на Институтот Ден Смит рече дека светот влегува во „еден од најопасните периоди во човечката историја“.

– Императив е светските влади да најдат начини да соработуваат за да ги смират геополитичките тензии, да ја забават трката во вооружување и да се соочат со влошените последици од еколошката катастрофа и растечкиот глад во светот, нагласи тој во изјавата.

Во својот годишен извештај за нуклеарното оружје во светот, СИПРИ предупредува на зголемен број нуклеарни оружја за потенцијална употреба. Во извештајот се наведува дека од почетокот на 2022 година до почетокот на 2023 година, глобалните залихи на нуклеарни боеви глави се намалиле за речиси 200 парчиња – на околу 12.512, но оти бројот на нуклеарно оружје во активни воени залихи се зголемил за 86 парчиња – на 9.576.

Институтот ги наведе САД, Велика Британија, Франција, Кина, Индија, Пакистан, Северна Кореја и Израел како нуклеарни сили што ги анализираше. САД и Русија имаат по повеќе од 1.000 боеви глави, кои постепено ги демонтираат.

СИПРИ соопшти дека Кина го зголемила својот нуклеарен арсенал од 350 боеви глави во јануари 2022 година на 410 во јануари 2023 година и очекува тој број да продолжи да расте.

„Во зависност од тоа како ќе избере да ги структурира своите сили, Кина потенцијално би можела да има барем ист број интерконтинентални балистички ракети како САД или Русија до крајот на деценијата“, се вели во извештајот.

Институтот соопшти дека контролата на нуклеарното вооружување и дипломатијата за разоружување се во застој од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година. 

Треба да знаете
Последни објави