Петровска им честиташе на припадниците на Армијата за успешната вежба: Со гордост велам дека македонската Армија е НАТО Армија

„Во НАТО чекориме рамо до рамо, обединети со прогресивните сили на светот и нашиот стратешки партнер САД, подготвени да одговориме на заканите без оглед од каде доаѓаат. Со оваа вежба испраќаме неколку силни пораки – дека придобивките од сојузништвото во НАТО се пред сè за граѓаните, дека нашата земја е подеднакво голема и важна колку секој од сојузниците и дека солидарноста е клучот на успехот и напредокот, особено во тешки времиња”, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска на „Криволак” во своето обраќање на Денот за високи гости кој е дел од вежбата „Брз одговор 23″.

Министерката Петровска истакна дека силата е во различностите и дека секој успех е заеднички, и на сојузниците со кои работиме и на граѓаните за кои работиме, и додаде дека секоја инвестиција во Армијата е инвестиција во нашата безбедност.

„Ова се моменти кога со гордост велам дека македонската Армија е НАТО армија, моменти кои потврдуваат дека инвестицијата и во опрема и во човечки ресурси во Армијата е инвестиција во заедничката иднина и е гаранција за нашата колективна безбедност”, заклучи Петровска.

Министерката им се заблагодари на припадниците на македонската и сојузничките армии и им честиташе за покажаната професионалност, посветеност и заедништвото кое го покажаа изминатите денови.

На Денот за високи гости, припадниците на вооружените сили на Северна Македонија, САД, Албанија, Црна Гора и Косово изведоа вежба насловена „Мултинационална чета во напад, подржана со артилериска, воздушна и противоклопна поддршка”.

Во рамки на вежбовната активност, употребено беше роботизираното софистицирано возило т.н. “Project Origin”, кое е во пробна употреба на Армијата на САД и кое за прв пат во вежбовни услови тестираше испалување на противоклопна ракета од типот „Javelin”.

Треба да знаете
Последни објави