
Во акција на крајбрежната служба на Грција за извлекување по морски пат на заглавени мигранти од карпест дел на грчкиот остров Гавдос, спасено било 41 лице, од кои четворица се повредни и пренесени во болница, а двајца биле пронајдени во безживотна состојба, додека бројот на мигранти откриени во морскиот дел јужно од Гавдос и Крит, надминува 700 лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Во спасувачката акција за извлекување на заглавените лица интервенирал брод на силите на Фронтекс со помош на приватен чамец.
Од спасените, четворица со патролен брод на грчката крајбрежна служба се пренесени на Крит за да бидат префрлени во здравствена установа за укажување медицинска помош.
Паралелно, според информациите од Крајбрежната служба на Грција, во текот на ноќта и во текот на денешниот ден, интервенирале во над десет одделни операции и биле спасени 756 мигранти, кои со над 10 чамци биле откриени во морскиот дел јужно од Гавдос и Крит, а сите биле безбедно пренесени на пристаништата.
Осум од операциите биле во близина на Крит, а останатите кај малиот остров Гавдос, што е најјужната точка на Грција и Европа, додека пак голем број од чамците биле откриени од воздушни средства или беспилотно летало на силите на Фронтекс.
Во чамците се пренесувале меѓу 36 и 50 лица, со исклучок на два во кои имало 80 и 102 лица.
Локалните медиуми до Крит пишуваат дека бројката на спасени мигранти во текот на денешниот ден е повисока и може да надмине и 1.000 лица, кои пристигнале со над 20 чамци.


