Skip to main content
Скопје

Ѓорѓиевски: За Скопје во кое секој безбедно се враќа дома

27/11/2026  12:36

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска учествуваше на втората Национална конференција за безбедност на патиштата и ја истакна заедничката обврска до 2030 година да се намали бројот на загинати и тешко повредени во сообраќајот за најмалку 50 проценти, како и дека за Скопје е поставена уште поамбициозна цел, нула сообраќајни несреќи со смртен исход до 2030 година.

– Како градоначалник, моја одговорност е да направам сѐ што е во моја моќ за секое дете безбедно да стигне на училиште и секој родител да се врати дома кај своето семејство. Во мојата програма предвидов редизајн на 50 критични крстосници и улици според докажани европски стандарди. Ќе вложуваме во подобро осветлување, јасна сигнализација и поврзани пешачки и велосипедски патеки. Моја цел е детето што тргнува на училиште да може безбедно да ја премине улицата, а човекот што користи инвалидска количка да може непречено да се движи по тротоарот. Токму затоа, уште од првиот ден, меѓу приоритетите ги ставив булеварот „Борис Трајковски”, мостот на „Љубљанска” и клучката „Момин Поток”. Нивната вредност скопјани ќе ја почувствуваат секој ден кога ќе патуваат побезбедно до работа, до училиште и до дома – рече Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски го поздрави проектот „Безбеден град” (Safe City) на МВР кој веќе е и меѓународно награден, благодарение на министерот Панче Тошковски, кој со евидентирањето на прекршоците придонесува за поголема дисциплина зад воланот.