
Внатрешната контрола на ЈСП Скопје вечерва затекнала вработени како крадат значително количество нафта од гаражите на претпријатието во Ѓорче Петров, објави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на Фејсбук. Според него, веднаш била повикана полицијата.
Ѓорѓиевски најави дека вработените ќе бидат отстранети од работа и рече дека очекува Јавното обвинителство да отвори постапка за случајот. Во објавата не наведе колку вработени биле затекнати, ниту за колкаво количество гориво станува збор.
„Секој литар нафта во тие гаражи е платен со ваши пари за автобусите на ЈСП да ве однесат на работа, на училиште и дома“, напиша градоначалникот.
Ѓорѓиевски го посочи случајот како пример за она што го нарече долгогодишно системско уништување на градот и порача дека секој за кого ќе се утврди одговорност ќе биде санкциониран.

