
Министерот за правда Јетон Шасивари денеска одржа работна средба со известителите на Венецијанската комисија, во рамките на постапката за добивање мислење во врска со предложениот модел за организирање и полагање на правосудниот испит.
На средбата присуствуваа претседателот и членовите на Комисијата за полагање на правосудниот испит, кои го презентираа и практично го демонстрираа начинот на организација и спроведување на испитот. Со тоа, претставниците на Венецијанската комисија имаа можност непосредно да се запознаат со предвидените постапки и практичната примена на предложениот модел.
Во текот на средбата, министерот ја образложи уставната и законската основа на иницијативата, правната аргументација за предложениот модел, како и спроведениот консултативен процес со претставници на правните факултети, деканите и студентските организации.
Министерот Шасивари истакна дека основната цел на предложеното решение е обезбедување еднаков пристап до правосудниот испит за сите кандидати, без притоа да се доведат во прашање професионалните критериуми, квалитетот и интегритетот на испитот.
Министерот за правда , Јетон Шасивари потенцира дека барањето за мислење од Венецијанската комисија претставува иницијатива за добивање независна, објективна и стручна правна оценка, со цел да се обезбеди решение кое ќе биде уставно, правно одржливо и усогласено со европските стандарди.
Министерството ја цени експертизата на Венецијанската комисија и останува отворено за нејзините препораки и предлози, уверено дека институционалниот дијалог и стручната правна анализа се најдобриот пат кон изнаоѓање одржливо решение.
За нас, ова прашање не е прашање на политичко натпревар, туку прашање на еднаквост пред законот, еднакви можности и доследно почитување на професионалните стандарди.
Нашата определба останува јасна: правата да не останат само запишани принципи, туку да се преточат во конкретни, применливи и правно одржливи решенија.

