
Александар Вучиќ изјави дека неговите политички противници ќе се обидат да го отстранат од јавниот живот преку апсење, лустрација или убиство. Во синоќешното гостување на телевизијата „Информер“, по апсењето на главниот уредник Драган Ј. Вучиќевиќ, тој упати и обвинувања за странско влијание врз политичките промени во Србија.
„Ќе одат на мое отстранување или убиство, или апсење, или лустрација“, рече Вучиќ, додавајќи дека противниците не можат да го поднесат. За тврдењето за можен план за негово убиство не изнесе конкретни докази.
Вучиќ оцени дека во Србија постојат повеќе центри на моќ. Меѓу нив ги наведе странските актери, студентските пленуми, Студентската листа, криминални структури, обвинителството и судовите. Посебно ја посочи Хрватска, тврдејќи дека учествувала во организирањето на, како што ја нарече, „обоена револуција“.
Дел од настапот објави и на Инстаграм, со пораката: „Народот мора да знае кој владее со Србија“.
Говорејќи за односите во регионот, Вучиќ тврдеше дека од новите власти ќе се бараат отстапки поврзани со Косово, Република Српска и Хрватска. Ги спомена и прашањата за воена отштета и разграничувањето на Дунав, вклучувајќи ја Шаренградската ада.
Тој ги обвини политичките противници дека избрале прогон наместо соработка и порача дека нема да ја напушти Србија. Во истото гостување го критикуваше и РТС, тврдејќи дека јавниот сервис не обезбедува простор за рамноправно претставување на различните политички ставови.

