Skip to main content
Македонија

Пет жени убиени секој час од страна на партнер или близок роднина во 2025 година

24/11/2026  14:25

Четириесет и седум илјади жени и девојчиња биле убиени со умисла во текот на 2025 година од страна на интимен партнер или член на семејството, според новите податоци кои денеска ги објавија Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (UNODC) и UN Women.

Ниту еден регион не е безбеден за жените и девојчињата од фемицид. Африка останува континентот со највисока стапка на жртви на фемицид од интимен партнер/член на семејството (2,9 жртви на 100.000 женска популација), по што следуваат Америка (1,4 жртви), Океанија (1,1 жртва), Азија (0,6 жртви) и Европа (0,5 жртви).

Жени со портокалови марами ги креваат рацете во заеднички повик за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата, како дел од инсталацијата на UN Women „129 знамиња. 129 жени. Еден итен повик за ставање крај на фемицидот“ за кампањата 16 дена активизам во 2026 година. Фотографија: UN Women/Рајан Браун

„Предолго гледаме алармантни статистики“, изјави извршната директорка на UNODC, Моника Џума. „Застрашувачките ставови, општествените норми и неуспехот на институционалните заштитни механизми создаваат средина во која убивањето сопруга, ќерка, мајка или сестра станува ’толерирано‘. Промената на оваа реалност бара континуирана акција на сите нивоа на општеството. Мораме да ги удвоиме нашите напори за спроведување превентивни стратегии насочени кон промена на општественото однесување и штетните ставови, како и да инвестираме во специјализирани програми и интервенции за справување со сторителите на семејно насилство, заштита на жените и обезбедување на нивните човекови права и достоинство.“

Фемицидот ретко е изолиран чин. За многу жени и девојчиња, тоа е последниот чин во долгата шема на насилство, закани и злоупотреба кои можеле да биде сопрени. Сепак, соочени со значителни бариери, повеќето жени кои претрпуваат физичко или сексуално насилство никогаш не бараат помош од членовите на семејството, нивните заедници или властите. Премногу од нив остануваат без заштита, додека сторителите ја избегнуваат правдата целиот живот.

„Мораме да осигураме жените да можат безбедно да пријават насилство, да добијат заштита и поддршка пред да биде предоцна. Кога предупредувачките знаци остануваат непријавени, случаите не се соодветно истражени, жените и девојчињата не се заштитени, а сторителите не се изведени пред лицето на правдата, последиците можат да бидат фатални. Секоја пропуштена можност да се заштити правото на жените и девојчињата на безбедност е неуспех на правдата и на најосновната должност на законот: да ги заштити животите на жените и девојчињата. Мораме да дејствуваме итно за да осигураме ниту еден предупредувачки знак да не биде игнориран, ниту една жртва да не остане без заштита и ниту еден сторител да не избегне одговорност“, изјави извршната директорка на UN Women, Сима Бахус.

Додека стапките на убиства на глобално ниво опаднаа, стапките на фемицид се намалуваа со побавно темпо. Помеѓу 2010 и 2025 година, стапките на убиства опаднаа речиси двојно побрзо од стапките на фемицид во Америка и околу 1,5 пати побрзо во Европа.

Преку овогодишната кампања „16 дена активизам“, која трае од 25 ноември до 10 декември под темата „ОБЕДИНЕТИ да ставиме крај на насилството врз жените и девојчињата: Обезбедете правда, заштитете ги жртвите, ставете крај на неказнивоста“, UN Women и UNODC ги повикуваат владите, приватниот сектор, системот на Обединетите нации, медиумите, женските организации и жртвите на насилство кои ги предводат промените да ги здружат силите. Заедно мораме да ставиме крај на фемицидот и на сите форми на насилство врз жените и девојчињата, да обезбедиме правда за преживеаните и починатите жртви, како и нивните роднини, а за сторителите да има одговорност.

Прочитајте го извештајот: Фемициди во 2025 година: Глобални проценки за фемициди од интимен партнер/член на семејството.