„Комити“ добија 25% акции: Волонтерски ќе работиме за наш Вардар!

Навивачите на ФК Вардар, во договор со сопственикот на клубот Слободан Крстевски, отпочнуваат постапка за стекнување на 25% од акциите на клубот, напишаа тие на социјалните мрежи.

„Во склоп на договорот, членови на нашата група ќе станат дел од сите структури, и ВОЛОНТЕРСКИ ќе ги извршуваат сите тековни задачи, а се со цел нормално функционирање на клубот. НЕ ЗА ПАРИ – ЗА КЛУБОТ!“, се потенцира во објавата.

На ваков чекор, како што појаснуваат, се одлучиле од повеќе причини.

„Првенствено, затоа што не можевме повеќе да ја гледаме катастрофалната ситуација во која се наоѓа нашиот Вардар. Предолго веќе трае агонијата. Сите визии и планови кои ни беа презентирани се мртви. Сите рокови во кои требаше да бидат исполнети, се одамна поминати. Вардар низ годините, од спортски гигант, стана предмет за пресметка помеѓу разни струи, кои преку нашиот клуб единствено сакаа да си ги исполнат личните цели, кои по нас, немаат допирна точка со она како ние гледаме на работите, како ние гледаме на Вардар.
Како група помагавме и максимално се трудевме, клубот и покрај сите проблеми, да продолжи да функционира, да оди напред. Но, околностите во овој момент, бараат од нас радикална одлука. Главната цел на ваквиот наш чекор е целосно расчистување на долгот на ФК Вардар кон сите институции и физички лица, воспоставување на здрав долгорочен систем, во кој главен удел ќе имаат кадарните лица, чија главна цел ќе биде, спортскиот успех на клубот и создавање подобра иднина, за која сите ние заедно ќе треба да се избориме!“, подвлекуваат во напишаното.

Ќе тропнеме на секоја врата, појаснуваат понатаму.

Покани, како што велат, нема да чекаат а планот ќе го презентираат секому.

„Веруваме дека ќе наидеме на конструктивност и желба за соработка. Пред секој состанок, со секоја надлежна институција, јавно ќе ги обзнаниме нашите конкретни барања. По завршување на секој состанок, јавно ќе го озбаниме исходот, односно резултатот од средбата. Веруваме дека на ваков начин, јавноста, народот, ќе има најдобра прилика да увиди кој конкретно го помага, а кој го минира и одмага спроведувањето на нашиот план.
Радува фактот што, веќе денес, заедно со Општината Аеродром, успеавме да изнајдеме решение, со кое на ФК Вардар, му се препишува фудбалскиот терен, лоциран во близина на С.Ц. Јане Сандански, кој по завршување на законската рамка, ќе стане достапен за нашите фудбалери. Благодарност до Општина Аеродром, до советот и градоначалникот, за конструктивната соработка и желбата да му се помогне на ФК Вардар. Веруваме дека сите институции и општини ќе го следат овој пример, ќе ја имаат истата волја, и ќе придонесат кон побрзо решавање на проблемите поврзани со клубот“, се нагласува во напишаното.

Доколку, како што додаваат, во периодот што следи, се појават одредени спонзори, чии цели би биле во дослух со нивните, тие како засегната страна, би биле отворени за разговор, и за можен потенцијален договор.

„Но, на секого нека му биде јасно дека ќе мора да се исполнат одредени критериуми. Нема да дозволиме ФК Вардар да стане полигон за остварување на личен профит, и нема да дозволиме преку грбот на клубот, да се пазари!
За крај, сакаме да потенцираме, дека нашиот легитимитет не го црпиме само од правен аспект, туку сметаме дека ова е нашето природно право, поради сите заложби и акции преку кои активно сме помогнале на клубот. Секако, најголемиот легитимитет го црпиме од народот, кој ја препозна нашата искреност, и не поттикна уште повеќе на ваков чекор. Вардар е клуб на народот, бил и ќе биде. Заедно ќе се избориме за неговата иднина“, истакнуваат комитите на ФК Вардар.

Треба да знаете
Последни објави