Skip to main content
Македонија

Стојанов за маршевите за правда: Ни велат дека сме досадни и дека им пречиме на бизнисите

18/11/2026  20:57

„Ние, семејствата што ги загубивме децата, сме најмногу изгорени од оваа трагедија, а денес сме оставени сами на себе.“ Со овие зборови Томче Стојков, татко на дете кое загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во „Ноќно студио“ на 4ТВ зборуваше за чувството на осаменост на родителите кои бараат правда.

Стојков рече дека семејствата очекувале поголема солидарност, вклучително и од оние што го преживеале пожарот. Како што посочи, дел од преживеаните и повредените не присуствуваат на маршевите за правда, судските рочишта и одбележувањата во спомен на загинатите. Тој нагласи дека им посакува целосно закрепнување на сите повредени и рече дека има чувство оти болката на родителите сè повеќе се заборава.

„Ние, најмалку виновните, го плативме данокот, а со нас нема кој да сочувствува и да ја разбере нашата ситуација. Препуштени сме сами на себе“, истакна Стојков.

Тој рече дека особено го погодуваат коментарите дека родителите станале досадни со барањата за правда и дека нивните маршеви им наштетуваат на одредени бизниси.

„Емпатијата ја нема, разбирањето го нема. Има коментари дека веќе сме досадни, дека некому му пречиме, па дури и дека поради нашите маршеви им паѓал бизнисот“, рече Стојков.

Според него, во реакциите на маршевите сè повеќе доаѓаат до израз материјалните интереси, а сè помалку солидарноста со семејствата.

„Сè е претворено во интерес, во материјално, во корист. Материјалното го презема човечкото“, порача Стојков во „Ноќно студио“.