
Оптимизацијата на училишната мрежа и едносменската настава се мерки за поквалитетно образование – нагласи денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска додавајќи дека тоа е покажано и докажано во други земји кои пред нас ги спроведувале и кои имаат едносменска и целодневна настава, а во моментот многу побогати и понапредни земји од нашата.
Прашањата до Јаневска ги постави пратеникот од СДСМ Димитар Ковачевски, кој рече дека до него стигнале од граѓани и наставници во училишта, а најави дека низа прашања до министерката ќе достави и по писмен пат.
– За спроведување на оптимизацијата и едносменската настава имаме поддршка од УНИЦЕФ, кои имаат направено сериозна анализа за вишокот на паралелки и вишокот на наставници и оптимизациски план. Реформите во образованието се добри и тоа го поддржува и Извештајот на Европската Унија за 2026 година. Вие го имавте пред вас и можевте да видите дека имаме релативно добар извештај – рече Јаневска.
Во едносменска настава имаме вкупно 1023 училишни објекти, од нив 914 се објекти на основни училишта, а во 583 централни и подрачни училишта има едносменска настава во 109 објекти. Во 37 од средното образование исто така има едносменска настава.
– Точно е дека ние затворивме околу уште 33 училишта, затоа што нема првачиња. Но, за да ги социјализираме, за да ги поттикнеме на натпревар, за да им направиме емотивни врски, за да ја намалиме хиерархијата на малите групи каде што еден е водач, другите нели имаат други улоги, значи тоа се социјални елементи кои децата што учат во мали групи, ако се преселат во поголеми групи, ќе имаат бенефит од овие социјални елементи. Оттука сметам дека треба да продолжиме со ова – рече Јаневска.
Министерката рече дека не може да посочи конкретни бројки за наставниците, но нагласи дека ниту еден наставник не останал без работа и дека нема да има трансформација на работниот однос.
– Во минатото образованието, а веројатно и некои други сектори, служело за купување социјален мир. Тоа го правеле сите влади во минатото. Нема да има трансформација, а нови вработувања ќе има само таму каде што е неопходно. Во Скопје имаме таква потреба, но во одредени градови и други населени места во земјата навистина нема. Ќе ги заменуваме наставниците кога ќе се пензионираат или ако од други причини го напуштат работното место – рече Јаневска.
Таа посочи дека посетила неколку училишта за да види како се одвива наставата по префрлањето на учениците. Како пример го наведе Долни Балван, од каде што децата биле префрлени во поголемо училиште во друго село, каде што се дружат со повеќе врсници.
– Во разговор со децата и со наставничката што дојде со нив, лично се уверив дека се презадоволни од ваквата состојба. Посетив уште неколку такви училишта за да проверам како се одвива наставата. За анализа е рано. Треба да заврши учебната година за да го анализираме ефектот врз квалитетот на образованието – рече министерката.
