Skip to main content
Скопје

Ѓорѓиевски со прв годишен отчет: Тековните обврски на Скопје намалени за 322 милиони денари

17/11/2026  23:15

Тековните обврски на Град Скопје во изминатата година се намалиле за 322 милиони денари, а дополнително биле исплатени 743 милиони денари за кредити, експропријации, судски постапки, субвенции и други обврски. Ова го соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во отчетот за првата година од мандатот, во кој најави и набавка на 100 еколошки автобуси, изградба на два нови моста и прва подземна улица во Скопје.

Ѓорѓиевски рече дека при преземањето на функцијата затекнал долг од речиси 300 милиони евра, финансиски оптоварени јавни претпријатија и повеќе запрени инфраструктурни проекти. Според податоците што ги презентираше, најголемо намалување на обврските меѓу јавните претпријатија има кај „Водовод и канализација“, за 1,66 милијарди денари, додека обврските на ЈСП се намалиле за 634 милиони денари.

Во јавниот превоз, покрај набавката на 100 нови автобуси, градоначалникот најави продолжување на активностите за системот за брз автобуски превоз, познат како БРТ. Тој посочи дека од септември сообраќа градскиот воз на релацијата Зелениково – Скопје. Според бројките од отчетот, ЈСП во првите шест месеци од годинава потрошило околу половина милион евра помалку за гориво во споредба со истиот период лани.

Ѓорѓиевски соопшти дека продолжуваат работите на проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“, клучката кај Момин Поток, булеварот „Македонија“ и мостот што ќе ги поврзе улиците „Љубљанска“ и „Скупи“. Се работи и на пристапните сообраќајници до мостот „Генерал Михајло Апостолски“. Според отчетот, во неколку скопски општини се реконструирани улици и се поставени околу 2.000 заштитни столпчиња.

Меѓу најавените сообраќајни зафати се мост и сообраќајница што ќе ги поврзат Ѓорче Петров и Сарај, како и нов мост преку Вардар меѓу Ново Лисиче и Маџари. Градоначалникот најави дека до крајот на мандатот Скопје треба да ја добие и првата подземна улица.

Во делот на животната средина, Ѓорѓиевски рече дека е деблокирана изградбата на пречистителната станица во Трубарево и дека реализацијата на проектот надминала 40 проценти. Со станицата треба да се намали загадувањето на Вардар. Во отчетот беа опфатени и набавката на 3.300 нови контејнери и специјализирани возила за собирање отпад, како и планот на просторот на поранешната депонија Вардариште да се уреди парк на околу 600.000 квадратни метри.

Градската администрација, според Ѓорѓиевски, работи и на дигитална реплика на Скопје за урбанистичко планирање и управување со градот. Воведени се електронско плаќање на данокот на имот и платформата „ЕкоСкопје“ за пријавување еколошки проблеми. Во отчетот беа споменати и нова противпожарна станица во Аеродром, набавка на специјализирано противпожарно возило и опремување училишни кабинети и лаборатории.

„Пред една година побарав да верувате дека можеме. Денес ви ги претставувам делата со кои ја оправдуваме таа верба. Ќе продолжиме со уште поголема решителност сè додека промената не стигне до секое скопско маало“, порача Ѓорѓиевски.