Skip to main content
Македонија

Протест за Сара пред СВР Охрид

17/11/2026  22:42

Пред Секторот за внатрешни работи во Охрид вечерва се одржа мирен протест по нападот врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска. Од собирот беа упатени барања полицијата веднаш да постапува по пријавите за семејно насилство, институциите да обезбедат навремена заштита за жртвите, а истрагите и судските постапки да се водат без политички влијанија.

„Бараме да има сериозна превенција за да се спречат нови облици на насилство и нови фемициди. Бараме одговорност и да нема политички влијанија во процесот на истрага и судење. Бараме секоја жртва да биде заштитена“, изјави Шукова.

Таа побара полицијата, обвинителството и центрите за социјална работа да постапуваат координирано по секоја пријава за семејно насилство. Ги повика и мажите и жените јавно да се спротивстават на насилството, без оглед на нивната политичка или верска припадност.

„Ова е тема што нè засега сите. Сите сме нечии ќерки, сестри, мајки, баби“, порача Шукова.

Вечерашниот собир беше проследен со несогласувања околу организацијата. Претходно најавениот граѓански протест беше откажан по обвинувањата за политизирање на случајот. Од иницијативата „Ниту една повеќе“ реагираа на, како што наведоа, партиски притисоци и обиди за преземање на граѓанскиот револт.

„Секој обид женското движење и бунт да се инструментализираат од страна на која било партија и политички структури е недозволиво и е дел од проблемот“, порачаа од иницијативата.

Оттаму побараа партиите да ги искористат институционалните механизми со кои располагаат за да ја подобрат заштитата на жените и да преземат одговорност за долгогодишните пропусти во системот.

„Улиците и протестите ни припаѓаат нам, граѓаните. Гневот нема да ни го земете“, порачаа од „Ниту една повеќе“.

Охридското обвинителство поднесе обвинителен предлог против 31-годишен маж за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Главната расправа е закажана за 27 ноември.