
Соопштение за јавност на СДСМ:
Додека жените во Македонија се соочуваат со насилство, а случајот со Сара од Охрид повторно ги покажа сериозните слабости на институциите, законските измени за спречување и заштита од насилство врз жените стојат во фиока од август, нагласи пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска. На денешната прес – конференција, Тренчевска порача дека заштитата на жените не смее да чека и побара измените веднаш да бидат ставени на дневен ред.
„Итно ставање на дневен ред на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените кои стојат во фиока од август месец. Итна седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите со присуство на Тошковски и Савески. Како жени нема да молчиме, туку силно ќе се спротивставиме. Нема да прифатиме во Македонија жените да живеат во страв, а насилниците да се чувствуваат недопирливи”, рече Тренчевска.
Таа порача дека институциите мора да преземат конкретна одговорност и да обезбедат систем кој ќе ги штити жртвите, наместо да реагираат дури откако ќе се случи трагедија или по силен притисок од јавноста.
„Државата мора да биде посилна од насилството, а институциите мора да бидат на страна на жртвите. Доста е од системски жртви, насилство врз жени, фемциди. Доста е од непостапувањата на Министерството за внатрешни работи, заштита на насилници, неказнивост само затоа што некој има врски со оваа криминална власт на локално или на централно ниво. Уште колку жртви се потребни за некој од власта да понесе одговорност?”, рече Тренчевска.
Тренчевска посочи дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски сноси најголема политичка одговорност за неуспехот во превенцијата, непостапувањето на МВР и заштитата на насилниците, додавајќи дека зад секој фемицид стојат низа претходни пријави и институционални пропусти.
„Панче Тошковски има најголема политичка одговорност за потфрлување на превенцијата за непостапување на МВР и заштита на криминалците. Одамна требаше да си поднесе оставка, а не да чека. Позади секоја жртва на фемцид стојат бројни нерасчистени пријави и непостапувања. Последниот случај со насилството врз Сара од Охрид повторно потврди дека институциите не функционираат, не ја гарантираат безбедноста на жените и служат само како инструмент на власта за заштита од одговорност”, рече Трнчевска.
