
Огромен пожар избувна ноќта во вторник во рафинеријата и петрохемискиот комплекс „Газпром Нефтехим Салават“ во руската република Башкортостан, по наводен напад од украински беспилотни летала, пишува „Киев Индепендент“.
Украинските канали на Телеграм, „Ексиленова+“ и „Супернова+“, објавија дека комплекс во градот Салават бил цел на напад. Снимките што ги споделија покажуваат голем пожар во близина на индустриски објект. „Ексиленова+“ тврди дека пожарите горат на повеќе локации во комплексот.
„Киев Индепендент“ не можеше независно да ја потврди локацијата на пожарот или дали фабриката била директно погодена.
Комплексот се наоѓа околу 1.750 километри источно од Киев и е еден од најголемите рафинерии и петрохемиски фабрики во Русија. Може да преработува до 10 милиони тони нафта и гасен кондензат годишно, а произведува и бензин, дизел и други нафтени и хемиски производи.
Ниту украинската армија, ниту регионалните власти во Башкортостан сè уште официјално не го потврдија најновиот напад.


