
Шпанската Цивилна гарда приведе 36-годишен патник веднаш по слетувањето на аеродромот во Малага, поради сомнение дека сексуално нападнал четири стјуардеси на лет од Амстердам. Инцидентот се случил на 9 ноември, а контролата на летање му дала приоритет на авионот за слетување.
Патникот покажувал знаци дека испил поголемо количество алкохол. Станал од седиштето иако поради турбуленции бил вклучен сигналот за задолжително врзување на појасите. Потоа се упатил кон предниот дел на авионот, каде што побарал уште пиво и ги игнорирал повиците на екипажот да се врати на своето место.
Четирите стјуардеси во изјавите за полицијата навеле дека патникот ги навредувал, се обидувал насила да ги бакне и ги допирал без нивна согласност. Во обид да го спречат инцидентот, интервенирале и други членови на екипажот и патници.
Контролата на летање ја скратила рутата и му овозможила на авионот директен приод кон пистата во Малага. Полициските службеници го привеле патникот веднаш по слетувањето. Тој е осомничен и дека при интервенцијата нападнал полициски службеник.
Патникот подоцна бил пуштен на слобода. Истрагата за четирите пријавени сексуални напади и за нападот врз полициски службеник продолжува.


