Skip to main content
Магазин

Поради шега што ја направил на девет години, добил доживотна забрана за летање – Години подоцна стана гласот на аеродромот

11/11/2026  21:48

Кристофер Дониси имал девет години кога, поради шега во авион, пилотот му рекол дека никогаш повеќе нема да лета со „Делта“. Триесет и четири години подоцна, 43-годишниот монтер на цевки од Масачусетс е избран за новиот глас на меѓународниот аеродром „Логан“ во Бостон.

Дониси патувал сам од Бостон до Форт Лодердејл, на Флорида, кога го открил копчето за повикување на кабинскиот персонал. Како што раскажал за „Тудеј“, го притиснал околу 15 пати. По слетувањето, капетанот му ги зел пластичните пилотски крилца што ги добил за време на летот и му рекол дека повеќе нема да може да патува со авиокомпанијата. Тетка му, која го чекала на аеродромот, го видела целиот разговор.

На конкурсот за „Гласот на Логан“ се пријавил по наговор на мајка му. Организаторите добиле околу 6.000 пријави и го стесниле изборот на осум финалисти. За нив биле дадени околу 35.000 гласа, а Дониси победил со својот длабок баритон и препознатлив бостонски акцент.

Дониси ќе снима поздравни пораки и известувања за патниците на аеродромот, низ кој годишно минуваат околу 43 милиони луѓе. Првите најави со неговиот глас се очекуваат во текот на ноември, пред празничниот бран патувања. Тој планира да ја задржи и својата работа како монтер.