
Невработеноста кај граѓаните со високо образование во Германија достигна рекордно ниво, особено кај младите, соопшти Федералната агенција за вработување, и според неа – 372.000 високообразовани граѓани беа без работа во август, што значи дека трендот на раст на невработеноста во таа група продолжи петта година по ред.
Постои особено голем број невработени лица со универзитетска диплома во возрасната група до 30 години. Дипломата сè уште носи предност на пазарот на трудот, па стапката на невработеност во групата граѓани со високо образование во 2025 година изнесуваше 3,3 проценти и беше приближно половина од просекот, јави ДПА.
Кај граѓаните со завршено стручно образование, таа изнесуваше 3,6 проценти, а кај оние без формални стручни квалификации, повеќе од 21 процент, според агенцијата. Невработеноста, исто така, варира многу во зависност од областа на студии.
Младите луѓе кои штотуку влегуваат на пазарот на трудот се во особено неповолна положба. Сепак, агенцијата верува дека вештачката интелигенција генерално нема целосно да ги замени постојните занимања.
На крајот на октомври, германскиот индустриски гигант Сименс предупреди дека зголемената употреба на вештачка интелигенција може да ги загрози работните места за практиканти и со тоа да им ја одземе можноста на младите вработени да стекнат практично искуство и вештини.
„Вработените би можеле да ја пропуштат можноста да развијат клучни вештини ако им се одземе можноста да стекнат практично искуство и прогресивна обука„, објасни директорката за човечки ресурси и одржливост на Сименс, Џудит Визе.
Како пример, Визе го наведе развојот на софтвер, во кој вештачката интелигенција и агентите за вештачка интелигенција сè повеќе го преземаат пишувањето поедноставен и уште посложен код, па затоа програмерите мора да бидат способни критички да ги оценуваат добиените резултати и да ги препознаат можните грешки.
„Клучното прашање е секогаш што треба самиот да направам, да проверам и да видам за да не ме заведе вештачката интелигенција“, рече Визе. Затоа е важно компаниите да им обезбедат на младите вработени можност самостојно да извршуваат задачи со цел да развијат вештини потребни за критичко оценување на резултатите генерирани од вештачката интелигенција“, рече шефицата на Сименс.

