
На четирите малолетнички против кои се водеше постапка за бруталното физичко насилство врз 13-годишно девојче во скопската општина Ѓорче Петров им е изречена мерка упатување во воспитно-поправен дом. Одлуката ја донел Основниот кривичен суд Скопје, но таа сè уште не е правосилна.
Според информациите од Кривичниот суд, за првообвинетото дете е изречена мерка во траење од една година, додека за останатите три малолетнички мерката е во траење од по осум месеци.
„По однос на предметот со малолетниците, изречена е мерка – упатување во воспитно-поправен дом за сите деца. За првообвинетото дете е во траење од 1 година, за останатите деца е 8 месеци. Имајте само предвид дека пресудата е во фаза на изработка, не е експедирана и не е правосилна“, информираат од Кривичниот суд.
Од судот нагласуваат дека одлуката во моментов е во фаза на писмена изработка и сè уште не е доставена до странките во постапката, поради што таа не е конечна.
Случајот предизвика силни реакции во јавноста откако беше обелоденето дека 13-годишно девојче, ученичка во основно училиште во Ѓорче Петров, било жртва на физичко малтретирање во два одделни наврати.
Според информациите што беа објавени за случајот, група малолетници физички го нападнале девојчето, додека дел од присутните го снимале насилството со мобилни телефони.
Особено вознемирување предизвика фактот што насилството се случувало меѓу деца, а наместо да биде спречено, дел од присутните го документирале со своите телефони.
Случајот отвори сериозни прашања за врсничкото насилство, одговорноста на родителите, училиштата и надлежните институции, како и за потребата од навремено препознавање и спречување на насилното однесување кај малолетниците.
Со изречената мерка судот предвидува упатување на четирите малолетнички во воспитно-поправна установа. Сепак, конечниот исход на постапката ќе биде познат по завршувањето на законските процедури и евентуалното разгледување на жалбите.
Одлуката засега не е правосилна.

