Skip to main content
Економија

Европа и Британија го менуваат пристапот кон рударството, Македонија пред одлука за својот минерален потенцијал

11/11/2026  13:47

Сигурното снабдување со критични минерали станува прашање на национална безбедност, а не само на индустриска политика. Ова е главната порака на најновиот извештај на британската парламентарна Комисија за бизнис, иновации, наука и трговија, која предупредува дека зависноста од Кина може да ги загрози долгорочните економски и безбедносни цели на Велика Британија.

Според пратениците, земјата нема да може да ја изгради потребната инфраструктура за вештачка интелигенција, ниту да ги исполни своите одбранбени амбиции, доколку не обезбеди стабилни извори на минерални суровини. Особено загрижувачка е доминацијата на Кина во синџирите на снабдување, која, како што се наведува во извештајот, претставува геополитички ризик за британската економска и национална безбедност.

Комисијата оценува дека Велика Британија сè уште нема изградено доволно алтернативни извори на снабдување, ниту значително присуство во синџирите на вредност на критичните минерали. Поради тоа, се препорачува итно преземање мерки и примена на моделот на Европската Унија за стратешки рударски проекти.

Пораката од Лондон е дека пристапот до минералните ресурси ќе биде еден од клучните фактори за конкурентноста на економиите во наредниот период, особено во секторите на технологијата, енергетиката и одбраната.

Пред парламентарците кои се членови во Комитетот, и конзервативци и лабуристи, оценка споделил и Тоби Спитл, трговец со бакар. Тој истакнал дека Кина на рафинирањето и преработката гледа како на дел од интегриран синџир на снабдување, па затоа и извезува батерии и други производи произведени во Кина по „најниска можна цена“. Тие порачаа британските власти да стимулираат отворање на нови рудници и центри за преработка дома.

„Владата призна дека сегашната деловна клима за проектите поврзани со критични минерали во Обединетото Кралство не е конкурентна. Таа најави мерки за намалување на трошоците за енергија, како и за подобрување на процесите за издавање дозволи и планирање. Ова е за поздравување. Сепак, на глобално конкурентен пазар, други земји обезбедуваат насочена поддршка за своите најважни проекти. Доколку Обединетото Кралство не го стори истото, ризикува да заостане“, предупредуваат пратениците.

Тие препорачаа британската Влада, по примерот на моделот на Европската Унија, да воведе ознака „стратешки проект за критични минерали“. 

„Проектите во овие области би имале корист од законски утврдени рокови за издавање дозволи; услуга за насочување и поддршка низ процесите на планирање, добивање дозволи, финансирање и енергетска поддршка; приоритетен пристап до енергетската мрежа и пристап до механизми за поддршка на цените на енергијата; како и олеснет пристап до договори за откуп на производите“, се додава во препораката.

Додека дебатата за рударството значително се покрена и кај британската стручна јавност, во Македонија се очекува ознаката „стратешки проект“ за критичните минерали да се воведе откако ќе се усвојат новите закони за рударство и геологија. Со нив, како што беше најавено од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, македонското законодавство ќе се усогласи со европското.

„Во подготовката на законските решенија беше овозможено учество на јавноста преку ЕНЕР, вклучително и на експерти, општини, компании, граѓански организации и поединци… Минералните суровини имаат потенцијал да поттикнат инвестиции, отворање работни места и развој на домашната економија. Сепак, економскиот потенцијал на одреден проект не ги заменува законските услови за негово одобрување и реализација. Секој проект мора да се разгледува и од аспект на влијанијата врз водата, почвата, воздухот, здравјето на луѓето, земјоделството и другите дејности во засегнатото подрачје“, соопштија неодамна од ресорното Министерство.

Кај нас актуелна е само една инвестиција во рударски проект за критичен минерал, а тоа е за бакарот во „Иловица-Штука“. Од локалната иницијатива „И здравје и работа“, која го поддржува проектот, неодамна повикаа Македонија да го следи европскиот пример.

„Македонија не смее да остане настрана од европските процеси. Критичните минерални суровини се важен дел од индустриската и економската иднина на Европа, а нашата земја има ресурси и потенцијал да биде дел од тие процеси. Потребни се современа законска рамка, стручност, инвестиции и јасни правила кои ќе овозможат развој на рударството во согласност со највисоките стандарди за заштита на животната средина“, се наведува во ставот на „И Здравје и Работа“.

Нивната реакција следуваше откако во последниот Извештај, Брисел повика Македонија да се усогласи со Директивата за критични суровини (CRM) на ЕУ, како и да изготви и усвои соодветна легислатива за да се интегрира во синџирот на вредности на ЕУ за критични суровини. Според Извештајот,  ресурсите на критични минерали во Македонија, вклучувајќи ги железото, никелот, бакарот и цинкот, се од витално значење за индустрискиот и производниот сектор во регионот, а земјата, исто така, произведува олово и други неопходни минерали кои ја поддржуваат растечката рударска индустрија.