Српскиот министер за одбрана негира оти Србија ѝ испраќала оружје на Украина

Извештајот дека Србија испраќа оружје во Украина е лага, истакна денеска српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ, пренесува „Танјуг“.

Вучевиќ во целост ги демантира наводите на „Ројтерс“, кој цитира доверлив документ од Пентагон, во кој се тврди дека Белград има намера да ѝ обезбеди воена помош на Украина или веќе го сторил тоа.

Документот во форма на графикон „Одговор на тековниот конфликт меѓу Русија и Украина“ ги наведува проценетите позиции на 38 европски влади како одговор на барањата на Украина за воена помош.

Според графиконот, Србија одбила да обезбеди обука за украинските сили, но ветила дека ќе испрати воена помош или веќе ја доставила. Во документот било наведено и дека Србија има политичка волја и воена способност и во иднина да ја снабдува Украина со оружје.

Според „Ројтерс“, досието се наоѓало меѓу низата американски документи, вклучително и разузнавачки извештаи, кои се појавија на интернет на почетокот на годинава и неодамна беа откриени од медиумите.

„Веќе десетпати ги демантиравме овие лаги и пак ќе повториме. Србија не им продала, а нема ќе им продава оружје ниту на украинската, ниту на руската страна, ниту на земјите што го опкружуваат овој конфликт“, нагласи Вучевиќ.

„Секогаш постои можност некое оружје магично да се најде во зоната на конфликт, но тоа нема никаква врска со Србија“, додаде министерот. „Тоа е прашање за земјите што не ги почитуваат меѓународните норми, договорните обврски и деловните практики“.

Според Вучевиќ, очигледно е дека нечија цел е да ја дестабилизира Србија и да ја вовлече во конфликт во кој таа не учествува нагласувајќи ја воспоставената политика на Белград на неинволвирање.

Србија, која традиционално одржува добри односи со Москва и во голема мера се потпира на руската енергија, одби да воведе какви било санкции за Русија. Белград исто така ги влоши односите со многу западни држави одбивајќи да му обезбеди воена помош на Киев.

Претходно, во март српските власти ги негираа медиумските извештаи дека Белград ѝ доставил на Украина ракети за повеќекратните ракетни фрлачи „М-21 град“ од советско производство преку Турција и Словачка.

„Додадовме клаузула дека Турција не смее да ја извезе муницијата што ѝ ја дадовме без наша согласност“, истакна во таа пригода српскиот претседател, Александар Вучиќ.

Треба да знаете
Последни објави